Актуелно

„Гледам во матната вода, дали е внатре, ова е кошмар“, таткото на Матеј едвај ги задржа солзите

Потрагата по исчезнатиот Матеј Периш од Сплит, кој исчезна на 30 декември 2021 година во Белград, каде со другарите дошол да ја дочека Новата година, трае веќе четири недели.

Цели четири недели неизвесност, страв, надеж, тага и чиста агонија за семејството на младиот човек.

Ненад Периш, таткото на Матеј, се уште е во Белград и не губи надеж дека ќе се врати во Хрватска со синот.

Во изјава за хрватските медиуми, тој едвај ги задржа солзите и зборуваше за болката со која секојдневно се справува, истрагата, но и шпекулациите за случајот со исчезнувањето на неговиот син.

Како што рече, често се прашувал што всушност се случило.

– Се прашувам што всушност се случува, јас сум во туѓа земја, тука сум со луѓе што не ги знам, не знам каде е мојот син… Има вода, матна е, гледам дали е внатре… Тоа е кошмар… Навечер, пред да спијам, му се молам на Бога за утре, и така дваесет дена – вели неутешниот татко.

Зборувајќи за самата потрага, Ненад Периш рече дека сигналот на неговиот мобилен телефон му дал надеж и дека се надева дека ќе го најде Матеја на островот Голема војна.

– Важно ми е потрагата да продолжи и тој да биде пронајден – изјави Периш за ХРТ.

Повикувајќи се на претходните информации, Ненад Периш повтори дека верува оти неговиот син, како што е снимен од безбедносните камери, не трчал бесцелно.

– Матеј не е зимурлив. Во зима, често кога температурите не се премногу ниски, тој излегува надвор. Во тоа време температурата во Белград била висока за тој период од годината. Матеј имал кратки ракави под јакната, бил во тој клуб, а најверојатно поради тоа не носел кошула. Тоа што излегол, мислев како родител, иако можеби не сум во право, е дека помислил брзо да се врати, или можеби било гужва во гардеробата. Сигурно немаше да ја остави јакната во клубот да не дојде подоцна по неа – вели Периш.

Додаде дека Матеј имал малку пари со себе и дека не знае дали можеби трчал до станот во кој биле сместени за да земе повеќе.

– Мислам дека имаше околу 50 до 70 евра. Дали тоа беше доволно за да се платат пијалоците што ги испија таму, не знам. Картата не била кај него. Картата сега е кај мене – вели Ненад Периш.

Таткото на Матеј се осврна и на другарката на неговиот син кој последен контактирал со него и нагласил дека нема потреба таа или некој од пријателите на Матеј да трпат прозивки на социјалните мрежи.

– Тие се непотребни и претерани. Им верувам и на пријателите на Матеј и на неговата другарка. Верувам дека би направиле се за да го најдат – изјави Периш.

Ненад Периш во еден момент не успеа да ги задржи солзите зборувајќи за болката низ која поминува тој и неговото семејство.

-Го имам моето семејство кое страда поради сето ова, и се концентрирам на тоа и морам да го најдам Матеј, да го зачувам мирот на моето семејство – изјави Периш.

Ненад Периш повтори колку е благодарен за огромната поддршка што ја добива секој ден.

На почеток