Македонија

Коњановски тврди дека има мобинг, своеволие и притисоци во детската градинка Естреа Овадија Мара

Централната власт, продолжува со опструкции врз локалната самоуправа во Битола, овој пат, директно удирајќи по воспитно образовниот процес и нанесувајќи им индиректна штета на нашите најмлади, нашите најмили – децата од предучилишна возраст, вели Тони Коњановски, градоначалник на општина Битола

„Ветивме промени, а централната власт на секој начин сака да ги стопира промените, не почитувајќи ја волјата на народот, со која се соочија пред само четири месеци.

Во досегашниот период, до Општина Битола беа доставени низа претставки од вработени во ЈОУДГ Естреа Овадија Мара, каде се наведени жалби од однесувањето на директорот на оваа установа.

Јас и во текот на вчерашниот и денот пред тоа се сретнав со повеќе од 50-тина вработени од таа институција.

Мобингот, своеволие, притисоци. Вака вработените ја опишуваат атмосферата во дел од деветте објекти кои се во склоп на градинката, со кои раководи директорката на таа градинка.

Дополнително, група вработени, реагираат и на начинот на одржување и изборот на член во Управниот одбор на установата од редот на вработените, опишувајќи го како нерегуларен, спроведен без присуство на сите членови и во недостаток на гласови, дополнет со глас на директорката која самата гласала. Нелегално избраниот член, не беше изгласан од Советот на општина Битола.

Како локална самоуправа, не можеме да дозволиме ваков начин на функционирање во установите под наша надлежност и ингиренција, поради што целата документација ја доставивме до министерството за труд и социјална политика. Ова впрочем го правиме со повеќе дописки до министерството и за поплаките и преписките кои ги имаат вработените во детската градинка.

Наместо преземање на соодветни мерки, денес, се соочуваме со одземање на ингеренциите за оваа детска градинка, токму поради нашата посветеност за законско спроведување на постапките и обезбедување соодветни услови за работа на вработените, а пред се непречено згрижување и воспитание на децата од предучилишна возраст.

Ја прашуваме почитуваната министерката за труд и социјална политика:

– Дали ќе ги игнорира и понатаму претставките на вработените?

– Дали ќе дозволи партиската волја да го креира начинот на работа во установата?

– Дали незаконското работење е она што го поддржува централната власт на крајот од краиштата?

Очекувам, министерството за труд и социјална политика да запре со опструкциите врз Општина Битола, особено во овој случај кога се во прашање децата, да ја преиспита својата одлука и преку надлежните институции, да спроведе постапка со која ќе се провери работењето на детската градинка Естреа Овадија Мара, а истовремено да создаде услови за професионално и посветено работење на установата.

Во име на промените ветени пред граѓаните, бараме да престанат опструкциите, стопирањата и блокадите.

Граѓаните избраа промени, а промените повторно ќе победат“, додаде тој.

На почеток