Животите на оние кои се во Мариупол, се во рацете на Путин, вели Бојченко


Рускиот претседател Владимир Путин може да одлучи за судбината на 100.000 цивили кои се уште се заробени во Мариупол, изјави градоначалникот на тој град Вадим Бојченко.
Тој за Ројтерс тврди дека сателитските снимки од локацијата со масовната гробница што се појави, докажуваат дека Русите ги закопале телата во обид да го сокријат бројот на жртвите. Москва ги отфрли обвинувањата
„Важно е да се разбере дека животите на оние кои се уште се тука се во рацете на само еден човек – Владимир Путин. И сите смртни случаи што ќе се случат отсега натаму ќе бидат исто така во негови раце“, рече Бојченко.
Путин во четвртокот рече дека руските сили го „ослободиле“ Мариупол, најголемиот украински град кој паднал во руски раце од почетокот на специјалната операција.
Бојченко смета дека немало план за ослободување, туку за уништување, тврдејќи дека 90 отсто од градот е уништен или оштетен.
„Денес, на сите нивоа, зборуваме само за една работа – дека ни треба примирје, целосна евакуација на 100.000 жители на Мариупол кои се заробеници на руските сили и дека луѓето што се во Азовстал треба да бидат ослободени“, додаде тој.
Русија им понуди на оние во Азовстал да го положат оружјето и да се предадат, но Бојченко вели дека војниците не сакаат да се предадат, туку да излезат само со оружје во рацете и да продолжат да ја бранат својата татковина.
