Ковачевски зборува за одговорност, Мицкоски за избори – излез од блокадите нема
„Ние ќе работиме да има избори! Јас тоа сум го кажал многу пати во минатото и ќе го повторам и сега, опцијата на ВМРО-ДПМНЕ е условно речено албанските опозициски партии и тука да немате дилема“, одговори на новинарско прашање претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при посетата на општина Кисела Вода.
Мицкоски посочи дека има еден услов кој што важи во Уставот, а тоа е бадинтер. За да се спроведат тие реформи кои што планира да ги спроведе ВМРО-ДПМНЕ за да може Македонија да оди напред, дел од тие закони зависат од условот бадинтер.
„И затоа се обидов еве на отворена сцена да правиме измени кои што се оние проценти во Уставот, да нема бадинтер, да нема балансер, да луѓето напредуваат согласно своите компетенции и знаења и вештини. И да може да ја водат државата оние кои што народот ги одбрал. Ако народот го одбрал ВМРО-ДПМНЕ со 61, да ја води државата ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата која што тој ќе ја состави. Но, поради тој услов бадинтер ќе мора ние да ја адаптираме таа коалиција. И затоа сум еве убеден дека опозиционите условно кажано албански партии на следните предвремени парламентарни избори ќе го поразат ДУИ. И мислам дека е време ДУИ да помине одреден период во опозиција“, нагласи Мицкоски.
Претседателот на Владата Димитар Ковачевски во одговор на новинарско праша истакна дека е апсолутно неодговорно во услови на криза да се врши бојкотирање и блокирање на Собранието.
„Тоа граѓаните не го заслужуваат. Пратениците треба да бидат одговорни бидејќи нив не ги бираат политички партии туку ги бираат граѓаните. Тие треба да бидат таму 24 часа како што е и наведено во самиот деловник на собранието бидејќи собранието е практично во постојано заседавање и треба да носи одлуки кои што ќе значат подобро за сите граѓани во државата“, потенцираше премиерот Ковачевски.
Тој додаде дека и покрај блокадата на Собранието од страна на ВМРО-ДПМНЕ, а не од целата опозиција, тоа сепак функционира.
„На последната седница е усвоен дневниот ред и беа изгласани дел од точките за кои што постоеа исполнети услови за нивно усвојување. Потоа гледаме дека на Комисијата за избори и именувања веќе почна расправата за избор на уставни судии, каде што сите политички партии ги предложија своите предлози и според мислења на стручната јавност се работи за лица кои што се предложени од страна на пратениците и за кои што ќе има вредна расправа и за кои што следува избор на уставни судии.
Секоја политичка партија треба да биде одговорна и да даде максимум да се носат мерки и да се носат закони кои што го олеснуваат секојдневниот живот и кои што се грижат за задржување на стандардот на населението“, посочи Ковачевски.
„Не постојат закони кои што не влијаат на општествените процеси во позитивна смисла, и тука не може да се смета Собранието за супермаркет каде што некој ќе одлучува кој закон ќе помине кој нема да помине. Секое законско решение содржи во себе или унапредување на одредени процеси или унапредување на одредени права на граѓаните или на компаниите во државата бидејќи не сите закони се однесуваат исклучиво на граѓаните туку има голем дел на законски решенија кои што се однесуваат на подобри услови на деловната заедница во државата“, нагласи премиерот Ковачевски.
Ковачевски дополни дека има голем број на одредени групи во општеството на кои што треба да им се излезе во пресрет и дека постојат голем број на законски решенија кои што се важни за напредокот на развојот на општеството и за усогласувањето со директивите на ЕУ.