Скопје

„Во Скопје има скривници за сместување на 18% од населението, а обврската е да има за 30%“, вели Шанса за Центар

А еве каде запна дискусијата за дополнувањето и усвојувањето на првата програма за активности во областа на заштитата и спасувањето во Општина Центар – кај местата за собирање и за евакуација на населението во случај на вонредни настани, и кај подземните засолништа, велат од невладината Шанса за Центар.

„Шанса за Центар смета дека собирните места и местата за евакуација на населението во вонредни состојби кои се наведени во Планот за заштита и спасување на Општина Центар треба да бидат јавно обележани, мапирани и за нив граѓаните да бидат добро информирани.

Со тоа сметаме дека при вонредни состојби во случај да има потреба од евакуација на население тоа ќе може да се спроведе на многу побрз и поефикасен начин, а добрата претходна подготвеност и информираност на граѓаните за ваквите мерки ќе помогне значително. Дополнително, овие локации како и самите Планови за заштита и спасување во други општини како Карпош, Велес, Кавадарци, Аеродром се објавени на нивните интернет страници и се достапни за заинтересираните.

Службениците и дел од советниците во Центар имаат спротивен став, дека тие локации се тајни и не смеат да бидат јавно обележани, означувани или споделувани. Тие сметаат дека информирањето на граѓаните и јавноста за тие места од страна на властите треба да биде само доколку и кога би имало потреба за спроведување на евакуација.

Втората мерка за која исто така имавме спротивставени ставови се скривниците. Шанса за Центар смета дека Општината треба секоја година да бара и да ѝ пружа ако е потребно поддршка на Дирекцијата за заштита и спасување да се врши инспекција и да се проверува оспособеноста на засолништата на територија на Центар, особено во услови на растечките меѓународни ризици по безбедноста.

Медиумските истражувања покажуваат дека во Скопје има скривници за капацитет за сместување на 18% од населението, а обврската е да има за 30%. Но, и дел од оние засолништа кои постојат не се функционални, туку се запуштени, затрупани со отпад и често се користат за приватни цели.

Наспроти нашиот став дека иако одржувањето на засолништата не е надлежност на општината, сепак таа треба да има активен став кон сите прашања кои ја засегаа безбедноста на жителите на Центар и да бара од надлежните институции да си ги исполнуваат своите должности, дел од советниците и службениците сметаат дека ова едноставно „не е наша надлежност“. Дека тоа е исклучиво на ДЗС и дека е несоодветно Општината да се меша во таа област.

Дебатата ќе продолжи и на следната седница, но нас по однос на овие две прашања нѐ интересира и ставот на граѓаните и на стручните лица од областа на заштитата и спасувањето. Ќе ви бидеме благодарни ако можете да ни споделите коментар или размислување околу овие теми:

Дали местата за собирање и евакуација на населението во услови на вонредни состојби и непогоди треба да бидат јавни, обележани и граѓаните за нив да бидат однапред информирани или треба да се сметаат за таен податок

Дали општината треба постојано да бара и инсистира други институции да ги исполнуваат своите надлежности во однос на подготвеноста на засолништата

Од летокот кој е изработен од страна на Град Загреб во 2014 година можете да видите како други градови го информираат населението за просторите за евакуација“, се вели во соопштението.

На почеток