Актуелно

Подземната сообраќајница блокирана, Арсовска: Не сметам дека имало волја да се заврши туку само е започнат

И изградбата на подземната сообраќајница која поминува низ центарот на Скопје позади „Рамстор“ е закочена. Градоначалничката Данела Арсовска вината ја гледа кај претходното раководство на градот, бидејќи од пет фази се реализираа само две, а не се решени ниту имотно-правните односи на приватни сопственици на парцели каде треба да поминува сообраќајницата.

„Тоа е еден од оние проект кој е повторно отпочнат без целосна визија како ќе се реализира и како ќе се заврши. Не сметам дека имало волја да се заврши туку само е започнато. Од пет фази се завршуваат фазата 3 и 4, а фазата 1,2 и 5 не е пипнато ништо. Што значи јас сега започнувам со фазата број 1, тоа е делот во Кисела Вода каде се поврзува на едната кружница, па од делот кој го работи Лимак да излезе кај Нова Македонија. За да се реализира требало да се најде начин како да се среди тоа земјиште кое во овој момент е на Железници. Не се направени експроприции, ништо не е завршено. Јас не знам како се планирало да се заврши овој цел проект во 2023 година, кога имотно правните спорови не се знае дали ќе се разрешат до тој момент“, кажа Арсовска.

Подземната сообраќајница треба да биде долга 1.300 метри, од кои 900 метри се под земја, а 400 метри над земја. Проектот предвидува изградба на подземна сообраќајница која ќе се движи од крстосницата на булеварот „Илинден“ со булеварот „Гоце Делчев“, под кејот „13 Ноември“ до крстосницата на булеварите „Крсте Мисирков“ и „Кочо Рацин“.

На почеток