Актуелно

Русија користела касетни бомби и касетни мини кои се забранети со меѓународни договори

Меѓународната организација за заштита на човековите права, Амнести интернешенел денеска ја обвини Русија за воени злосторства во Украина.

Се посочува дека во текот на истрагата биле пронајдени докази дека во седум напади на делови од Харков руските сили користеле касетни бомби како H210 и 9H235 и касетни мини. Тоа се две категории оружје забранети со меѓународни договори.

Во извештајот насловен „Секој може да умре во секое време“ се наведува дека руските сили убиле и нанеле огромна штета со постојано бомбардирање на станбени области во Харков од почетокот на инвазијата на Украина на 24 февруари.

„Луѓето беа убиени во своите домови и на улиците, на игралиштата и на гробиштата, додека чекаа ред за хуманитарна помош или купуваа храна и лекови“, рече Донатела Ровера, истражувач задолжен за кризи и конфликти во АИ.

Таа додаде дека тоа е „шокантна повторна употреба на широко забранетата касетна муниција“ и дека покажува „целосно занемарување на цивилниот живот“.

Иако Русија не е потписник ниту на Конвенцијата за касетна муниција ниту на Конвенцијата за противпешадиски мини, меѓународното хуманитарно право забранува напади и употреба на оружје што е неселективно ударно и претставува воено злосторство, се вели во извештајот.

На почеток