Македонија

Продолжува сослушувањето на сведоци за случајот „27 април“

Во Кривичниот суд во Скопје со сослушување на сведоци продолжува судењето за настаните во Собранието на Република Македонија на 27 април минатата година.

На минатото рочиште беа сослушани четворица сведоци, вработени во Министерството за внатрешни работи. Во сведочењата пред судот, тие ги објаснија нивните дејствија за време на протестите пред Собранието, како и на критичниот 27 април минатата година. Според нив, на критичниот ден не биле ангажирани доволен број полицајци неопходни за справување со ситуацијата, а на подготовките не било разгледано како можно сценариото толпата на сила да влезе во Собранието.

За случувањата во Собранието на 27 април 2017 година обвинети се вкупно 33 лица од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.

Меѓу обвинетите се повеќе пратеници, вработени во МВР и собраниското обезбедување, уметници и граѓани. Тие пред судот кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат за виновни.

На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашко Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток