Македонија

Предвремените избори стануваат се поизвесни

Владеачката СДСМ со барање пратениците да гласаат за уставни измени или да се оди на предвремени избори, опозициската ВМРО – ДПМНЕ формираше републички изборен штаб и ги повтори веќе познатите барања – нов јавен обвинител, анкетна комисија за референдумот и техничка влада по „Пржински модел“

СКОПЈЕ – „Преспанскиот договор е мртов и е празно слово на хартија. Резултатите од референдумот не ги признаваме. Заев ќе го победиме на избори“, кажа потпретседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Александар Николовски, по вечерашната седница на Извршниот комитет (ИК) на партијата.

Иако и по седницата на ИК, најголемата опозициска партија е без официјален став околу предвремените избори, оттаму соопштија дека е формиран Републички изборен штаб кој ќе го води генералниот секретар Игор Јанушев и Градски изборен штаб на Град Скопје чиј претседател е назначен потпретседателот на партијата Владо Мисајлоски.

Од изјавата на потпретседателот Николовски може да се заклучи дека ВМРО – ДПМНЕ останува на истите барања. Од партијата се на ставот дека е извршен фалсификат на референдумот и дека се полнети гласачките кутии па затоа бараат формирање на Анкетна комисија во Собранието која ќе ги испитува овие наводи. Исто така се бара и разрешување на Јавниот Обвинител, Љубомир Јовески, и назначување на нов по предлог на опозицијата.

„ Иницијатива за формирање на Анкетна комисија веќе е поднесена. Комисијата која ќе има задача да ги истражува и разгледува сите неправилности и нерегуларности кои се случија на денот на референдумот. Бараме разрешување на актуелниот Јавен обвинител кој е предложен од власта, а не ја извршува својата задача согласно ингеренциите и должностите односно замижува пред очигледниот криминал и нерегуларности пред, на денот и после референдумот и избор на нов Јавен обвинител на предлог на опозицијата кој ќе треба да се позанимава со сите овие нерегуларности“, изјави Николовски.

Во насока на предвремените парламентарни избори Николовски кажа дека од партијата остануваат на барањето да има исти услови како и на изборите во 2016 година.

„ Потребно е веднаш да се почитува договорот и законот за избори каде ќе се формира техничка влада според пржинскиот модел со мандат од 100 дена. Тоа значи оставки на Заев, Спасовски и Царовска и министри за внатрешни и за труд и социјала од ВМРО-ДПМНЕ 100 дена. Само тоа ќе е предуслов за колку толку фер избори“ појасни Николовски.

Неофицијално, на седницата на Извршниот комитет е разрешен и заменик генералниот скретар на партијата, Петар Богојески, кој се спротивстави на бојкотот и отворено се залагаше за масовен одзив на референдумот.

Кои ќе бидат следните чекори на опозициската ВМРО – ДПМНЕ останува да се договорат утре на седница на Централниот комитет (ЦК) како највисоко тело во партијата.

И владеачката СДСМ вечерва имаше состанок на Извршниот одбор (ИО). Оттаму соопштија дека бараат од пратениците во Собранието да ја уважат волјата на мнозинството од над 600 илјади граѓани и да преземат одговорност за да се забрзаат процесите за членство во НАТО и ЕУ.

„ Доколку тоа не е возможно и ВМРО-ДПМНЕ и натаму ја кочи иднината на граѓаните и ја турка земјава во бездна, тогаш нема друга опција освен предвремени парламентарни избори веднаш, на кои граѓаните ќе одлучат за иднината, заклучи Извршниот одбор на СДСМ“, стои во соопштението од партијата.

Оттаму додаваат дека Извршниот одбор ги овластил претседателот на СДСМ, Зоран Заев, и координаторот на пратеничката група, Томислав Тунтев, да ги преземат сите потребни чекори за подготовка на предвремените парламентарни избори.

И СДСМ за утре најави седница на Централниот одбор на партијата.

Доколку не се постигне договор со опозициската ВМРО – ДПМНЕ околу обезбедување на двотретинско мнозинство за гласање на уставните измени, премиерот Заев најави дека предвремените парламентарни избори ќе се одржат на 25 ноември а тоа значи дека треба да бидат распишани најдоцна до 10 октомври односно идната среда.

Извор: Гласот на Америка

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток