Свет

Бродот кој превезува жито за Африка го напушти украинското пристаниште

Бродот „Храбар командант“ го напушти украинското пристаниште Пивденџи, превезувајќи го првиот товар хуманитарна прехранбена помош за Африка од Украина по рускиот напад на таа земја, пренесува Ројтерс.

Товарен брод со 23.000 тони пченица отпатува до африканското пристаниште Џибути со товар наменет за потрошувачите во Етиопија, соопшти украинското Министерство за инфраструктура.

„Министерството и Обединетите нации работат на начини за зголемување на резервите на храна за социјално ранливите делови од африканското население“, се вели во соопштението.

Како што се наведува во соопштението, од украинските пристаништа веќе тргнале 17 бродови со повеќе од 475.000 тони земјоделски производи.

Извозот на жито во Украина е намален од почетокот на војната поради затворањето на нејзините пристаништа на Црното Море, клучен канал за испорака, што ги поттикна глобалните цени на храната и ги зголеми стравувањата од недостиг во Африка и на Блискиот Исток, според Ројтерс.

Три црноморски пристаништа беа деблокирани минатиот месец, во согласност со договорот меѓу Москва и Киев, постигнат со посредство на Обединетите нации и Турција, кој овозможи стотици илјади тони украинско жито да бидат испратени до купувачите.

На почеток