Свет

Земјотрес во Мексико на годишнината од двата разорни земјотреси

Силен земјотрес со јачина од 7,6 степени според Рихтеровата скала го погоди западниот брег на Мексико.

Однесе најмалку еден живот, зградите беа оштетени, струја снема, а многу жители на Мексико Сити привремено ги напуштија своите домови заради безбедност.

Локалните медиуми наведуваат дека по земјотресот, кој се случи вчера во 13 часот и 5 минути по локално време, оштетени се неколку станбени згради, а во главниот град на Мексико е вклучен сеизмички аларм точно на годишнината од двата претходни разорни земјотреси, пренесува Ројтерс.

Едно лице загина во пристаништето Манзанило во Тихиот Океан кога врз нив се урна покривот на стоковна куќа, соопштија мексиканските власти.

Властите, исто така, пријавија штета на неколку болници во западната држава Мичоакан во близина на епицентарот, кој беше во ретко населен дел на Мексико.

Едно лице е повредено од паѓање стакло во една од болниците, соопшти Владата.

Снемало струја во некои делови од градот во Мексико Сити, на околу 400 километри од епицентарот.

Националното претпријатие за електрична енергија објави дека прекините во снабдувањето погодиле 1,2 милиони корисници.

Во соопштението на Американскиот центар за геолошки истражувања (USGS), потврдено е дека епицентарот на земјотресот бил на 37 километри југоисточно од Аквила во близина на границата со државите Колима и Мичоакан и на длабочина од 15,1 километар.

Земјотресот се случи неколку минути откако се огласија сирените, а помалку од еден час откако беше симулиран алармот за земјотрес, на годишнината од двата разорни земјотреси што се случија пред пет и 37 години на истиот ден, на 19 септември.

Илјадници луѓе загинаа во земјотресот на 19 септември 1985 година, а повеќе од 350 загинаа во земјотресот на 19 септември 2017 година, според Ројтерс.

На почеток