Свет

Загинаа петмина спасувачи по тајфунот на Филипините

Најмалку пет спасувачи загинаа денеска во акција откако тајфунот „Нора“ го погоди северниот дел на Филипините.

Тајфунот предизвика поплави, прекин на електричната енергија, додека училиштата и владините канцеларии во главниот град Манила и провинциите беа затворени, објави Ројтерс.

Гувернерот на провинцијата Булакан, северно од Манила, изјави дека пет спасувачи загинале во чамец кога налетале на урнат ѕид додека се обидувале да ги спасат жителите од поплавената област.

Во провинцијата Кезон, 17.000 луѓе беа сместени во засолништа за да се заштитат од поплави и лизгање на земјиштето.

Повеќе од 3.000 се во засолништа во Манила, која беше погодена од силни ветрови и дожд во текот на ноќта.

Повеќе од 20 бури и тајфуни ги погодуваат Филипините секоја година.

На почеток