Свет

Растот на цените предизвика бран на сиромаштија во Австрија

Актуелната криза со растот на цените предизвика бран на сиромаштија во Австрија, предупредува Каритас.

„Од нашата секојдневна работа знаеме дека помошта за невработените и социјалната помош веќе беа премали пред бранот поскапувања. Повеќе од половина од сите невработени, кои се без работа повеќе од една година, се погодени од сиромаштија“, изјави генералниот секретар на Каритас Австрија, Ана Пар.

Инфлацијата, посочува, доведе до масовно влошување на состојбата.

„При секое купување, поскапувањата со полна сила ги погодуваат луѓето во ризик од сиромаштија. Владата мора што поскоро да ги спроведе реформите на пазарот на труд и да ги зајакне важните столбови на социјалната помош. На граѓаните сега им е потребна помош и реформските мерки мора да дејствуваат што е можно поскоро. Промените најавени до крајот на 2023 или почетокот на 2024 година се премногу доцни“, рече Пар.

Анализата на Фискалниот совет покажа дека 35 отсто од домаќинствата со најниски приходи се погодени од бранот поскапувања, кои веќе не можат да ги покријат трошоците за купување намирници.

Ова, нагласува Пар, покажува дека сегашните социјални бенефиции не се доволни.

На почеток