Актуелно

Ненадеен пад на притисокот на гасоводот Северен тек 2, Данска пријави проблем

Во еден од краците на рускиот гасовод Северен Тек 2 притисокот на гасот нагло паднал од 300 на 7 бари, објави операторот на тој гасоводNord Stream 2 AG.

„Вонредна состојба на кракот А од гасоводот Северен тек 2. Диспечерот на крајбрежната платформа на Северен тек 2 вечерва забележа нагло пад на притисокот на линијата А. Крајбрежните служби на Германија, Данска, Шведска, Финска и Русија беа веднаш информирани. Истрагата е во тек“, се вели во соопштението на компанијата, пренесува Спутник.

Германското Министерство за економија денеска соопшти дека не е познато што го предизвикало наглото опаѓање на притисокот во гасоводот, пренесува Ројтерс, додавајќи дека владиниот портпарол посочил дека можело да има истекување на гас.

Гасоводот Северен тек 2, со капацитет од 55 милијарди кубни метри гас годишно, кој минува од компресорската станица „Славјанска“ во руската област Кингсеп во Ленинградската област преку дното на Балтичкото Море до брегот на Германија требаше да ги удвои испораките на гас од Русија во Европа.

Овој гасовод беше завршен минатата есен и двата крака се полни со 300 милиони кубни метри гас. Меѓутоа, тој никогаш не беше пуштен во употреба, бидејќи германските власти го суспендираа неговиот процес на сертификација непосредно пред Русија да ја нападне Украина.

САД ја ставија компанијата Nord Stream 2 AG на листата на санкционирани субјекти, поради што беа принудени да ги отпуштат своите вработени.

Данската поморска управа денеска извести за истекување гас во близина на островот Борнхолм во Балтичкото Море, кој се наоѓа во близина на неактивниот руски гасовод Северен тек 2, јави новинската агенција Интерфакс.

Во информацијата се наведува дека данските власти ги советуваат бродовите да се држат подалеку од областа, пренесува Ројтерс повикувајќи се на руската новинска агенција.

На почеток