Актуелно

Орбан: „Брисел лажеше“

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека во Брисел „го лажеле народот на Европа“.

Како што наведе, излажале кога рекле дека санкциите против Москва нема да се прошират на енергетскиот сектор и дека ќе доведат до брз крај на војната во Украина, пренесува МТИ.

Големите акционери на енергетските компании, „почнувајќи од финансиерот Џорџ Сорос, остваруваат милијарди дополнителни профити“ благодарение на порастот на цените на енергијата поврзани со санкциите, изјави унгарскиот премиер за националното радио.

Граѓаните во Европа во моментов плаќаат високи цени за енергија поради санкциите, што ја прави иднината нестабилна, рече Орбан.

Тој истакна дека војната во Украина продолжува, без надеж дека брзо ќе заврши.

Според неговото мислење, цените на енергијата се водени од политички мотивирани одлуки во Брисел, а не од економски причини.

Без санкции, цените на енергијата би биле исти како во април, кога се очекуваше да се стабилизираат на околу 100 долари, рече Орбан.

На самитот во Версај, земјите од ЕУ се согласија „со раководството на Германија и Унгарија“ да не ги продолжуваат санкциите на енергетскиот сектор, рече тој, истакнувајќи дека Унгарија ќе беше во многу полоша ситуација доколку владата не се бореше за изземање од санкциите против Русија.

Тој изјави и дека е неизвесно дали ситуацијата ќе се влоши со оглед на тоа што ЕУ сака да воведе нови санкции за Русија.

Коментирајќи го планот на Будимпешта да спроведе јавна анкета „Национална консултација“ за санкциите на Европската унија против Москва поради војната во Украина, унгарскиот премиер рече дека единството и соработката се уште поважни во време на криза.

Анкетата е „правно најфлексибилната форма“ на вклучување на луѓето во процесот на донесување одлуки, што „според моето искуство е политички најдоброто нешто во одредени ситуации“, рече Орбан, според МТИ.

На почеток