Путин: Азија почнува да игра клучна улога


Шестиот самит за соработка и градење доверба во Азија се одржува во Астана.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека се случуваат сериозни промени во глобалната политика, дека светот станува мултиполарен и дека Азија почнува да игра клучна улога.
Земјите од азискиот регион се локомотива на светскиот економски развој, а интеграциските процеси се одвиваат динамично, пренесува Спутник.
„Русија активно учествува во сите овие процеси. Ние се залагаме за развој и процут на Азија и создавање на широк отворен простор за взаемно корисна трговска и инвестициска соработка, продлабочување и проширување на кооперативните врски на различни економски полиња“, рече Путин.
Тој нагласи дека Русија прави се за да постигне систем на еднаква и неделива безбедност.
Тој предупреди и дека е зголемена нестабилноста на цените на енергенсите во светот, дека постои закана од глад и дека постои опасност од големи социјални немири, особено во најсиромашните земји.
Тој повика на отстранување на сите вештачки и нелегитимни бариери кои го оневозможуваат обновувањето на синџирите на снабдување со стоки и укажа на неопходноста од поактивна употреба на националните валути во соработката меѓу државите, бидејќи тоа ќе придонесе за зајакнување на нивниот финансиски суверенитет.
