Ако Алијанса изгуби следни избори, паѓа и претседателот
Кога било да се одржат следните парламентарни избори, Алијансата за Албанците ќе победи и ќе биде дел од Владата. Ако не, јас би се тргнал дефинитивно од политика, вели в.д претседателот на партијата Арбен Таравари во неделното интeрвју за Радио Слободна Европа (РСЕ).
На прашањето дали пратениците од неговата партија ќе гласаат за уставните измени, рече дека за една недела „ќе биде објавено интересно барање како услов“ за кое прво ќе се зборува по странските амбасади.
– Ние ќе гласаме начелно меѓутоа ќе имаме услови. Што ќе биде нашиот услов е работа што идната недела ќе ја промовираме прво низ поважните амбасади низ Македонија, ќе кажеме што е нашиот главен услов, нормално вториот услов е од Уставот да се тргне терминот 20 проценти, практично да се користат како службени јазици и македонскиот и албанскиот. Но првиот услов ќе биде многу интересен, изјави Таравари.
Лидерот на „Алијанса“ дотогаш нема да ги открива условите и додава дека се подготвени со „меѓународни пријатели“.
– Не, јас мислам дека треба прво да го кажеме пред нашите меѓународни пријатели, а тие услови се подготвени со меѓународни експерти, коишто ни дадоа и идеја и предлози што би било убаво за целата држава. Мислам дека тоа нема да може да се одбие од која било политичка партија во Македонија, вели тој.