Свет

САД ги обвини Русија и Кина дека ја штитат Северна Кореја

САД ги обвинија Русија и Кина дека ја штитат Северна Кореја од понатамошни активности на Советот за безбедност на ОН и рекоа дека се обидуваат да го оправдаат лансирањето балистичка ракета од Пјонгјанг.

САД, Велика Британија, Франција, Албанија, Ирска и Норвешка побараа состанок на Советот за безбедност на ОН, откако Пјонгјанг истрела неколку проектили, вклучително и можна неуспешна интерконтинентална балистичка ракета, пренесоа медиумите.

„Не можете да ја абдицирате вашата одговорност во Советот за безбедност затоа што Северна Кореја може да ви продаде оружје за да ја поттикне вашата агресивна војна во Украина или затоа што мислите дека тие се добар регионален тампон за Соединетите држави“, рече американската амбасадорка во ОН Линда Томас, мислејќи на Русија и Кина.

Русија и Кина веројатно нема да се согласат на каква било акција на Советот за најновото лансирање на ракета од Северна Кореја, велат дипломатите.

„Советот треба да игра конструктивна улога и не секогаш да го нагласува притисокот“, рече кинескиот амбасадор во ОН Џанг Џун.

Тој посочи дека во сегашните околности Советот треба особено да се залага за ублажување на конфронтацијата, намалување на тензиите и промовирање на политичко решение.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш ги осуди неодамнешните ракетни лансирања од Северна Кореја претходно денеска и го повика Пјонгјанг веднаш да се откаже од преземање какви било дополнителни провокативни дејства и да преземе итни чекори за продолжување на преговорите за денуклеаризација на Корејскиот полуостров.

На почеток