Актуелно

„Украинските сили би можеле да бидат на Крим до крајот на декември, а целата војна ќе заврши до пролет“, вели украински заменик министер

Украинските сили би можеле да бидат на Крим до крајот на декември, а целата војна со Русија ќе заврши до пролет, предвиде украинскиот заменик министер за одбрана.

Володимир Хаврилов, пензиониран генерал-мајор, рече дека неговата земја нема да престане да се бори до победата, дури и со оглед на потенцијалот на руски нуклеарен напад.

Заменик-министерот во интервју за Скај Њуз рече дека верува оти веројатноста за нуклеарен напад од Русија е мала, но додаде дека „тоа би било драма“.

– Само Господ знае какво би било сценариото за сите, но тактичкиот нуклеарен напад не е закана што ќе не спречи да ја продолжиме нашата војна – рече Хаврилов.

Што се однесува до мировните преговори со Кремљ, Хаврилов рече дека тие ќе се случат кога руските трупи ќе бидат подготвени да ја напуштат секоја педа од Украина, вклучително и полуостровот Крим, анектиран од Владимир Путин во 2014 година и делови од источна Украина кои беа под контрола на проруските сепаратисти во последните осум години.

– Во општеството во Украина постои одлука да се оди до крај – рече тој во Лондон за време на патувањето во Велика Британија оваа недела.

Тој додаде дека не е важно какво сценарио е на маса.

– Луѓето платија многу крв, многу труд за она што веќе го постигнавме. И сите знаат дека секое одложување или замрзнат конфликт е само продолжение на оваа војна против постоењето на Украина како нација – нагласи тој,пренесе Аваз.ба.

На почеток