Македонија

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ сѐ подалеку од договор, а сѐ поблиску до избори

И по вчерашните заседанија на дел од највисоките партиски тела и изјавите на лидерите на партиските лидери јасно е дека договор за двотретинско собраниско мнозинство за уставните промени според Спогодбата со Грција е речиси невозможен. За барањата на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ вели дека нема за што да разговара… Сѐ поблиску сме до нови предвремени парламентарни избори.

Синоќа Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ само ги усвои одлуките на Извршниот комитет на партијата. Најголемата опозициска партија бара формирање техничка влада по пржински модел на 100 дена пред изборите, разрешување на јавниот обвинител и назначување на нов по предлог на опозицијата и формирањена анкетната комисија во Собранието за да ги истражи сите нерегуларности за време на спроведувањето на референдумот на кои тие укажуваат. Тоа се условите на опозицијата како услов за предвремените избори. Освен тоа ВМРО-ДПМНЕ вчера најави дека денеска ќе поднесе повеќе од 200 кривични пријави против лица, членови на избирачките одбори во неколку општини, кои биле замешани во фалсификатот на референдумот. Истовремено, опозицијата почнува да формира општински изборни штабови, а на чело на републичкиот изборен штаб веќе е именуван генералниот секретар Игор Јнушев.

„Нашите услови се јасни, ние битката не ја водиме за власт, битката не ја водиме за избори, ниту ја водиме за доаѓање на власт, Заев порано или подоцна ќе си оди. Битката ја водиме за зачувување на името на Република Македонија и сме среќни што со исходот од резултатот уставното име на Република Македонија е зачувано. Сѐ друго е второстепено и небитно“, рече синоќа потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски и повтори дека пратеничката група нема да ги поддржи уставните измени доколу има гласање во Собранието.

Претходно, премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев ги отфрли сите барања на ВМРО-ДПМНЕ како услов за избори.

„Барањето на ВМРО-ДПМНЕ за техничка влада со мандат од сто дена според Пржинскиот модел, за нов јавен обвинител и анкетна собраниска комисија за референдумот се апсолутно неприфатливи. Ниту има причина, ниту има потреба да се дискутира за вакви работи. Да се бара комисија која ќе провери дали референдумот бил законски, дали имало законитост во неговото спроведување и слично во услови кога претседателот на ДИК е од ВМРО-ДПМНЕ, како и Управниот суд во кој нема сменето ниту еден член, само по себе кажува што всушност се сака со ваквите барања“, изјави Заев.

СДСМ и нејзиниот коалициски партнер ДУИ не се откажуваат од тоа сепак да се обезбеди двотретинско собраниско мнозинство за да се усвојат узтавните измени според Спогодбата со Грција за промена на името на Република Македонија.

Прашан дали ќе разговара со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, Заев рече дека нема што да разговара со него.

„Во минатото дадовме карт-бланш за техничка влада. Ги прифативме барањата за финансирање на политичките партии, ја формиравме Државната изборна комисија со претседател од ВМРО-ДПМНЕ. За возврат апсолутно не сакаа ни да разговараат за некаков начин за успешна поддршка на процесите кои се важни за Македонија“, рече премиерот.

Никој не посакува вонредни парламентарни избори, сите се согласни дека се влегува во нова политичка криза, но пресметката на избори очигледно е неминовна.

За ДУИ предвремени парламентарни избори не се потребни бидејќи ќе се изгуби време и ќе се доведат во прашање евроатлантските интеграции на Македонија.

„Со предвремени парламентарни избори ќе се наруши динамиката на имплементацијата на Договорот од Преспа, што може да доведе до сериозна блокада на интегративните процеси на Република Македонија во НАТО и Европската Унија. Централното претседателство на ДУИ одлучи дека во моментов приоритет за државата е изнаоѓање решение со кое ќе се имплементира Договорот од Преспа во Парламентот и упатуваме повик до останатите политички партии да работат на создавање услови за имплементација на Договорот“, соопшти ДУИ по синоќешното заседание на претседателството.

Во наредните неколку дена владеачкото мнозинство ќе се обиде да обезбеди гласови од најмалку осум пратеници од опозицијата за да го има неопходното двотретинско мнозинство. За тоа има време до среда, кога треба да се распишат избори ако посакуваниот датум за избори е 25 ноември.

Во секој случај, јасно е дека до крајот на годината нема да бидат изгласани уставните измени како што пишува во Спогодбата за промена на името.

Изгласувањето на измените и ратификацијата на Спогодбата во грчкиот Парламент мора да заврши до средината на април бидејќи тогаш почнува кампањата за изборите во Европскиот парламент. И во Грција сѐ почесто се слуша за неопходноста од предвремени парламентарни избори. Претседателските избори во Македонија треба да се одржат во април/мај догодина.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток