Македонија

Истече времето за клубот Ванчо Михајлов

Истече времето за клубот Ванчо Михајлов. Бугарскиот културен центар во Битола ќе мора до крајот на денов да го смени името или во спротивност се соочува со прекршочна постапка и глоба.

Рокот од 45 дена за здружението да ги отстрани сите спорни елементи во името, статутот и програмата дојде откако беше утврдена дискриминација по основа на национална и етничка припадност со основањето на клубот.

„Според нашиот закон надлежностите се тие. Доколку не се исполни препораката во мислење од Комисијата за дискриминација, тие се надлежностите. Но идејата не е да се казнуваат граѓаните парично, идејата е да се отстранат сите практики кои создаваат нееднаквост во ова општество”

Санкцијата со која се соочува клубот “Ванчо Михалјов” е од три до 10 илјади евра. Но бугарскиот центар може да се соочи и со кривична одговорност, најавија од Комисијата, бидејќи не е испочитуван ниту рокот за отстранување на спорните содржини, објавени од страна на клубот на социјалните мрежи.

„Спорните содржини упатуваат не само на вознемирувачки говор, туку постојат сериозни индиции дека се повредуваат правата на поголем број на луѓе, а тоа упатува на одредби од членот од Кривичниот закон, со што топката ја префрламе на Основното јавно обвинителство“

Бугарските клубови “Ванчо Михалјов” и “Цар Борис Трети” се соочуваат и со рокови од Законот за здруженија.

Доколку до февруари не ги променат имињата, ќе бидат избришани од Централниот регистар, а задолжено за надзор за примената на ваквите одредби има Министерството за правда.

И додек продолжуваат проблемите со Бугарија, Грција доби Центар за македонски јазик, откако оваа невладина организација доби зелено светло за регистрација од грчките власти.

Станува збор за прво здружение од ваков вид во земјата, со што од Центарот велат дека и де факто се признава македонското говорно население во Грција.

На почеток