Реализацијата на проектите за модерно Скопје е нула, вели СДСМ


Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ за една година направија хаос во Скопје. Го доведоа градот до колапс, со блокирани сообраќајници, нефункционални институции, а тие наместо да работат за граѓаните се караат за провизии и тендери, за тоа чии раце да бидат во медот, вели СДСМ
„Од големите ветувања на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори и нивната кандидатка за градоначалничка Данела Арсовска нема ништо.
Реализацијата на проектите за модерно Скопје е нула, а истовремено се запрени, прекинати, укинати започнатите проекти како Бас рапид транзит, реконструкцијата на Универзална сала, изградбата на мостот на Љубљанска, клучката кај Момин поток и ред други.
Со менаџерските способности на „најдобрата менаџерка во Европа“, како што Арсовска се самопрогласи пред една година и мнозинството во Советот од ВМРО-ДПМНЕ големото ветување за бесплатен јавен превоз се претвори во нефункционален јавен превоз и блокади по крстосниците, штрајк на приватните превозници, намалена фреквенција на линиите, преполни постојки и автобуси.
Нема еколошки автобуси, ЈСП тоне во долгови, им должи на приватните превозници 1,5 милиони евра, а истовремено склучува штетен договор со приватна компанија за купување гориво по цена повисока од реалната.
Скопје денес е киднапиран град на лажните ветувања на Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, кои за една година направија хаос во Скопје.
Граѓаните не заслужуваат неодговорна и неспособна локална власт во Скопје“, се вели во соопштението.
