Македонија

Се урна мост на реката Радика поради зголемено ниво на вода

Поради зголемено ниво на вода на реката Радика, од 16.12.2022 урнат е мостот кој води кон селата Нистрово, Бибај, Тануше, Грекај и Нивиште (општина Маврово и Ростуше).

Од регионалниот Центар за управување со кризи во Гостивар известуваат дека од обилните врнежи ноќта меѓу 14-15 декември, реката Радика беше излеана од своето корито нa неколку места.

„Локалните притоки на река Радика поради надојдените води беа излеани на главниот пат од Бошков мост до село Жировница на неколку места. Имало одрони од земја и камења во близина на манастирот Бигорски и од страна на екипи на Македонија Пат се исчистени. Помеѓу селата Ростуше и Јанче водата донела големи наслаги од земја и кал кои со машини на Македонија Пат и од општината се санирани. Од надојдените води на Рибничка река, оштетен е мостот на Рибничка река, кој се наоѓа на 20 км од на патот за село Нистрово, и со тоа целосно се одсечени 15 семејства од селата Тануше, Жужња и Рибниште. Алтернативен пат има со коњи или пешки, преку мостот во близина на месноста Пилана, на патот Маврово – Дебар“ – информира ЦУК.

На почеток