Македонија

Намалена казната за Владимир Талевски, Апелација укина затворски казни за „Транспортер“

Апелациониот суд Скопје, известува дека постапувајќи по криивчниот предмет КОКЖ.бр.70/20, во јавноста познат како „Транспортер“, по одржана јавна седница, донесе Пресуда со која жалбите на обвинетите Ј.Н.Д. , Ѓ.Т. , В. Д., К. П., З. К., А.А., И.Б., Љ.С., Ј. Ј., М.М.Ч., на правното лице П.с.-Т. и правното лице Б.Т. увоз-извоз ДООЕЛ Б., изјавени лично и преку нивните бранители, ги одби како неосновани, а жалбите на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје, на обвинетите В.Т., С.Б., Ј.И., С.М., Џ. М., А. Ш., Д. Г., А.С. О.С, Р. Ј., Н.Д., Ј.И., Д.Г., А.С. и Р.Ј., изјавени лично и преку нивните бранители, делумно ги уважи, првостепената пресуда во осудителниот дел под I од изреката, ја преиначи во делот на одлуката за кривичната санкција, по однос на обвинетите В.Т., С. Б., Ј.И., С.М., А.Ш., Д. Г., А.С., О.С., Р. Ј., Н.Д., Џ.М. и за правилна примена на Кривичниот Законик во делот на одлуката за конфискација на имотната корист спрема Друштво за превоз, услуги, производство и трговија „Д и А Х.Т.” ДООЕЛ увоз извоз Битола, на начин што:
– обвинетиот В.Т го осуди на казна затвор во траење од 7 – седум години, обвинетиот С.Б., го осуди на казна затвор од 5 – пет години и 6-шест месеци, во кои казни им се засметува времето поминато во притвор и куќен притвор до правосилност на пресудата, односно до започнување со издржување на казната затвор, за по едно кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5, в.в. со ст.1, а в.в. со чл.22 и чл.45 од Кривичниот законик
– на обвинетите Ј. И., С.М.,А.Ш.,Д.Г.,А.С., О.С.,Р.Ј., Н.Д., Џ.М. за кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5, в.в. со ст.1, а в.в. со чл.24 и чл.45 од Кривичниот законик, им изрече алтернативна мерка – УСЛОВНА ОСУДА, така што им се утврдува казна затвор во траење од по 2-две години и истовремено се определува дека утврдената казна затвор нема да се изврши, ако обвинетите во временски период од 5 – пет години по правосилноста на пресудата, не сторат ново кривично дело.

Согласно чл.100 од Кривичниот законик од правното лице Друштво за превоз, услуги, производство и трговија „Д и А Х.Т” ДООЕЛ увоз извоз Битола, СЕ КОНФИСКУВА имотната корист во износ од 857.637,00 денари, кој претставува имотната корист прибавена со кривичното дело.

Во останатиот дел како и по однос на кривичните санкции спрема останатите обвинетите и по однос на мерката конфискација на имотната корист која е прибавена со кривичните дела, во вкупен износ од 34.224.179,00 денари, првостепената пресуда ја потврди.

Воедно, советот на овој суд, по повод жалбите и по службена должност, а заради правилна примена на Закон, првостепената пресуда во ослободителниот дел под II , ја укина.

Наведената одлука Апелациониот суд Скопје, ја донесе од следните прични:

Имено, Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по изјавените жалби, оцени дека првостепениот суд не сторил суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка на кој се укажува во изјавените жалби и на кои судот внимава по службена должност, во пресудата се утврдени сите решителните факти во врска со времето и начинот на извршување на кривичните дела, дадени се причините за решителните факти, извршена е правилна анализа на сите изведени докази и донесената пресуда е јасна, разбирлива и може во целост да се испита.

Воедно, како неосновани ги оцени жалбените наводи за погрешно утврдена фактичка состојба, а со тоа и за погрешна примена на материјалното право, од причина што првостепениот суд утврдил правилна фактичка состојба а врз основа на сите изведени докази во текот на постапката, правилно ги утврдил сите решителните факти за кои дал доволно образложени причини во образложението на обжалената пресуда и со еднакво внимание ги испитувал и утврдил како фактите што ги товарат обвинетите, така и оние што им одат во корист, при што правилно постапил судот кога поклонил верба на доказите кои се поклопуваат помеѓу себе и даваат целосна слика за настанот, а притоа имајќи ја предвид и одбраната на обвинетите со што донел јасна и разбирлива пресуда, во врска со кривичните дела и кривичната одговорност на обвинетите.

По однос на жалбените наводи за одлуките за кривичните санкции, советот на овој суд ги имаше предвид сите околности кои се од влијание при определувањето на видот на кривичната санкција и одмерувањето на нејзината висина, а особено степенот на противправноста на кривичните дела, степенот на кривичната одговороност на обвинетите, јачината на повредата на заштитеното добро, општествената опасност од извршување на овој вид на кривични дела, тежината и начинот на извршување на кривичните дела и во таа смисла поединечните дејствија на извршување на секој од обвинетите, опишани во изреката на првостепената пресуда, нивната улога во криминалниот потфат како извршител односно соучесник, нивното својство и во таа насока прибавената противправна имотна корист, а особено фактот дека е изречена конфискација на целокупната имотна корист, ценети во корелација со околностите кои што постојат на страна на секој од обвинетите, а кои се однесуваат на личните, семејните и материјалните прилики на обвинетите и нивниот поранешен живот, детално елаборирани во образложението на првостепената пресуда, применувајќи го принципот на пропорционалност, а на кој укажува Европскиот суд за човекови права, па оцени дека и со поблаги казни затвор односно со изречените алтернативни мерки – условни осуди спрема обвинетите наведени во одлуката на Апелациониот суд Скопје, за кои е преиначена првостепената пресуда во делот на одлуката за кривичната санкција, како и со изречените кривични санкции спрема останатите обвинети со првостепената пресуда, доволно воспитно ќе се влијае во иднина да не се јавуваат како сторители на вакви и други кривични дела, а со тоа да се остварат и целите на казнувањето предвидените во чл.32 од Кривичниот законик, како на планот на специјалната така и на планот на генералната превенција.

Во однос на жалбените наводи содржани во жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје, кои се однесуваат на одлуката за конфискација од правното лице Друштво за превоз, услуги, производство и трговија „Д и А Х. Т” ДООЕЛ увоз извоз Битола, советот на овој суд оцени дека истите се основани имајќи предвид дека за правното лице е прибавена вкупна имотна корист од 857.637,00 денари, која соодветствува со користа наведена поединечно во одделните дејствија на извршување на обвинетиот Д. Г., опишана во изреката на првостепената пресуда, поради што првостепената пресуда ја преиначи во овој дел а заради правилна примена на Кривичниот Законик.

По повод жалбите и по службена должност, а заради правилна примена на Закон овој совет одлучи првостепената пресуда во ослободителниот дел под II само да се укине, од причина што обвинетиот Д.Г. се обвинува за едно кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 в.в. со ст.1 в.в. со чл.24 и чл.45 од КЗ,за кое е огласен виновен, но за опишаните дејствија под точка 3 алинеја 14, со оглед да првостепениот суд оценил дека не се докажало дека обвинетиот ги извршил дејствијата опишани под точка 3 алинеја 14 од обвинението, требало истите да ги испушти од описот на дејствијата содржани во изреката а во образложението на пресудата да ги образложи причините за истото, а не да донесе ослободителна пресуда.

Детално образложение на причините за донесување на одлуката од страна на Апелациониот суд Скопје е дадено во писмено изработената пресуда, која е достапна на веб страната на Апелациониот суд Скопје.

На почеток