Свет

Северна Кореја го смени вториот најмоќен воен функционер

Северна Кореја го смени Пак Јонг-Чон, вториот најмоќен воен функционер по претседателот и врховен командант Ким Џонг-ун, објавија државните медиуми. Пак, кој беше потпретседател на Централната воена комисија на владејачката Работничка партија и секретар на централниот комитет на партијата, беше сменет од страна на Ри Јонг-гил.

Одлуката е донесена на минатонеделниот годишен состанок на комитетот, објави официјалната новинска агенција КЦНА. Причината за неговото разрешување не беше наведена, но Пјонгјанг редовно воведува промени во раководството на крајот на годината и најавува отпуштање на функционери и важни политички одлуки.

Централната воена комисија, на чело со Ким, се смета за најмоќното тело за одлучување за вооружените сили, кое е над Министерството за одбрана.

Разрешувањето на Пак доаѓа во време кога Ким, како дел од неговата најавена одбранбена стратегија, одлучи да развие нови интерконтинентални балистички ракети и да го зголеми својот нуклеарен арсенал за да им се спротивстави на САД и Јужна Кореја.

Пак брзо се искачи низ воената хиерархија од артилериски командант со една ѕвезда во 2015 година до генерал со четири ѕвезди во 2020 година. Тој е заслужен за развојот на ракетната технологија со среден дострел.

На почеток