Македонија

Џафери: Нека Ве водат позитивни мисли, нека бидат повод да правиме добри дела, заедно, и индивидуално

Претседателот на Собранието Талат Џафери испрати честитка по повод Божиќ

Честитката Ви ја пренесуваме во целост

„Почитувани граѓани, припадници на православната вероисповед,

Дозволете од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија и од свое лично име, да Ви упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник Христовото раѓање – Божиќ со желби за добро здравје, душевен мир и семејна благосостојба.

Во овој период од годината кога после Новогодишните празници се празнува еден од централните празници на христијанството, Божиќ, се овозможува повторно на сите граѓани кои го слават, меѓутоа и на сите кои се во нивна близина, сограѓаните, соседите, пријателите и соработниците, да ја почувствуваат магијата што ја создава празничната атмосфера. Тоа е уште една прилика да се почувствуваат топлите прегратки, да се видат
широки насмевки и да се чујат убави и благородни мисли на взаемна почит, разбирање, сочувство и солидарност а тие се неопходни во овие времиња на предизвик за човештвото и светот воопшто. Нека Ве водат позитивни мисли, нека бидат повод да правиме добри дела, заедно, и индивидуално. Секој гест, колку и да е мал и безначаен, е капка во бранот што не води напред нас и Република Северна Македонија.

Само заедно сме силни, само со подадена рака сме значаен фактор и пример за регионот. Да рефлектираме надеж, за да имаме надеж во мир, напредок и благосостојба за сите во иднина.

Среќни Божиќни празници!

На почеток