Македонија

Христијанските верници денес празнуваат три празници

На 1 јануари според стариот, односно 14 јануари според новиот календар, христијанските верници празнуваат три празници: Обрезание Господово, Свети Василиј Велики и Православна Нова Година.

Свети Василиј Велики е еден од тројцата најголеми црковни учители од четвртиот век. Родум бил од Кападокија, завршил школа во Атина. Бил голем христијански философ, а се прославил и како епископ и заштитник на чистотата на православното учење. Се упокоил на овој ден во 379 година.

Роден е во времето на царот Константин. Уште како некрстен, петнаесет години во Атина ги изучуваше философијата, реториката, астрономијата и сите други светски науки на она време. Школски другари му беа свети Григориј Богослов и Јулијан, подоцна цар отстапник. Во зрелите години се крсти на реката Јордан заедно со својот поранешен учител Евул. Беше епископ на Кесарија Кападокиска речиси десет години, а својот земен живот го заврши кога наполни педесет години од раѓањето. Голем поборник на Православието, голем зрак на морална чистота и набожна ревност, голем богословски ум, голем устроител и столб на Божјата Црква – Василиј се нарекува Велики потполно заслужено.

Во црковните богослужби најчесто е нарекуван пчела на Црквата Христова, која им дава мед на верните и осило на еретиците. Сочувани се многубројни дела на овој отец на Црквата – апологетски, богословски, подвижнички и канонски, како и литургија наречена според неговото име. Василиевата литургија се служи десет пати во годината: во неделите на Великиот Пост, на денот на свети Василиј, наспроти Божик и Богојавление, на Велики Четврток и на Велика Сабота. Свети Василиј се упокои мирно на 1 јануари 379 година, кога се пресели во Царството на својот Господ.

Именден на овој ден празнуваат: Васил, Василка, Васка, Весела, Веселинка, Веска, Нове, Новка…

На почеток