Свет

Масовни руски ракетни напади: Најмалку 20 лица загинаа, меѓу нив и 15-годишно девојче

Два масовни руски ракетни напади врз Украина во неделата уништија станбен блок во јужниот централен град Днепропетровск, при што загинаа најмалку 20 луѓе, меѓу кои и едно 15-годишно девојче.

Тоа е најсмртоносниот напад врз цивили во Украина од почетокот на 2023 година.

Спасувачите се уште трагаат меѓу урнатините, пишува „Гардијан“.

73 лица се повредени, а 40 се во болница, од кои четворица на интензивна нега, напиша на „Телеграм“ градоначалникот на Днепропетровската област Валентин Резниченко. Резниченко изјави дека во нападот биле уништени 72 стана, а оштетени се повеќе од 230 станови.

Спасувачите во текот на ноќта бараа преживеани во урнатините, објави Ројтерс.

Врховната команда на Украина денеска соопшти дека Русија во саботата извршила три воздушни напади, 57 ракетни напади и 69 напади од ракетни системи салво со тешко вооружување, а цел била и критичната инфраструктура во Киев и други области.

Командата наведе дека украинските сили собориле 26 ракети.

Официјални лица предупредија дека рускиот напад ќе го прекине снабдувањето со електрична енергија во главниот град и големи делови на Украина во следните неколку дена.

FOTO: ROMAN CHOP / TANJUG/AP

На почеток