Скопје

Ќе се тргаат тарабите околу црквата „Св. Константин и Елена“ во Скопје

Инспекцијата на Општина Центар ќе ја отстрани металната ограда од градилиштето на црквата „Св. Константин и Елена“ на улица Македонија во најстрогиот центар на Скопје. Како што велат од Општината, поминат е рокот за градба од 10 години и сега просторот ќе го расчистат и ослободат од тарабите, објави СДК.МК

„Таму нема никакви градежни работи, ниту пак има најава до Општината дека тие ќе продолжат со оглед на тоа дека е поминат рокот за градба. Затоа во наредниот период оградата ќе биде тргната, просторот ќе биде исчистен и овој дел од центарот на градот ќе биде ослободен од лимените бариери“, вели Мирослав Богдановски, раководител на Инспекторатот на Општина Центар.

Црквата „Св. Константин и Елена“ требаше да почне да се гради во 2009-тата година, кога тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ го претстави планот таа да биде подигната на Плоштадот „Македонија“. По реакциите во јавноста, протестите и барањата за реципрочна изградба на џамија на скопскиот плоштад, беше предложена актуелната локација на црквата, во дворот на Домот на АРМ.

Изградбата почна во 2012 година, но запре откако почнаа да се таложат долговите. Во декември 2014 година, тогашната Влада објави дека политичари, стопанственици и владици од Македонската православна црква – ОА, учествувале на донаторска конференција за доизградба на црквата.

На почеток