Русија има нов услов за завршување на војната во Украина
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров претстави нов услов за завршување на војната во Украина.
Тој на прес-конференцијата рече дека конфликтот ќе заврши само кога Украина повеќе не е воена закана за Русија. Лавров изјави и дека безбедносните грижи на неговата земја се една од главните причини за војната.
„Украина, како и секоја друга територија што се граничи со Русија, се разбира, не треба да биде домаќин на воена инфраструктура што претставува директна закана за нашата земја“, рече Лавров, разговарајќи за тоа што би било потребно за да се стави крај на војната.
Тој додаде дека „целите на специјалната воена операција не се измислени“, туку „се дефинирани од основните, легитимни безбедносни интереси на Руската Федерација“.
Сепак, според медиумите, коментарот на Лавров доаѓа во време кога продолжуваат шпекулациите дека рускиот претседател Владимир Путин наскоро би можел да започне уште една мобилизација за нова офанзива во Украина.
Оценката на Институтот за војна е дека неодамнешните знаци во Русија укажуваат дека Путин може да најави втор бран на мобилизација во наредните денови, а рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу вчера најави дека Путин ќе издаде директива за спроведување на големи воени реформи во следните неколку години.