Македонија

Димитриевски: Мерката со бесплатен автобуски превоз високо е оценета од кумановци, го подобруваме квалитетот на услугата

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски во утринското гостување на МТВ потенцираше дека мерката со бесплатен јавен автобуски превоз што почна да се реализира од почетокот на новата 2023 година е високо оценета од страна на граѓаните, а обврска на општината е да го подобрува квалитетот на услугата.

„За првпат сега со почеток на новата 2023 година, едногласно Советот на општина Куманово на мој предлог донесе одлука во периодот на енергетска криза да имаме субвенциониран или бесплатен јавен превоз за сите граѓани на општината. Мерката веќе е во сила и се спроведува од втори или трети јануари интензивно. Имаме вкупно 27 автобуски линии коишто гравитираат на релација урбана-рурална средина и урбани средини и урбани и рурални месни заедници. Досега се имплементира проектот во целост. Се јавуваат поедини проблеми на одредени линии кадешто има недостиг од број на линии и возила во одредени моменти околу седум часот кога одат наутро луѓето на работа и дополнително ќе го решаваме. Не беше ветување, ние немавме вакво нешто предвидено во програмата пред изборите, но дефинитивно согледувајќи го фактот на тешката социо-економска состојба во консултација првенствено со мнозинството во Советот, а потоа и со сите партиципиенти дојдовме до едно вакво решение, обезбедивме 30 милиони денари за првото полугодие и второто полугодие ако се покаже мерката успешна ќе обезбедиме уште толку. Во соработка со локалните партнери превозниците на градот, даватели на јавни услуги бидејќи ние имаме сопствено јавно претпријатие изнајдовме заеднички јазик и тие со скромни средства за да помогнеме на граѓаните, мислам дека оваа мерка е високо оценета од страна на граѓаните. Нашата обврска е само да го подобруваме квалитетот на услугата“, рече Димитриевски.

Тој посочи дека приватните партнери со коишто соработуваат, а ги имаат добиено на тендер да ги возат и менаџираат овие линии согласно распоредот со коишто го има објавено општината ќе направи редукција на распоредите, тие линии на коишто нема патници ќе се редуцираат, а ќе се зголеми бројот на возила на поедини линии.

„И дополнително, ако е потребно ќе интервенираме и со нови средства од буџетот. Следната фаза ќе биде да ги подобриме условите, автобуските постојки, квалитетот на информирање на граѓаните, воведување на софтвер програма како ќе може да ја користат што помасовно јавниот превоз, бидејќи првичната цел на оваа мерка беше социо-економскиот момент, вториот е заштита на животната средина, третиот е создавање на поголема навика за користење на јавен превоз, четвртата е борба против дивите превозници коишто ги имаше во градот, а веќе за неколку дена веднаш исчезнаа“, изјави Димитриевски.

Во утринската емисија, Димитриевски информираше дека веќе неколку години наназад општината има стабилен буџет затоа што стабилно ги прибира сопствените приходи.

„Знаете дека нивото на фискална децентрализација е многу ниско во државата и Македонија е една од најцентрализираните држави, тоа значи дека граѓаните средствата коишто ги плаќаат за даноци и такси всушност се трошат на централно, а не на локално ниво, треба да биде обратно, бидејќи на тој начин им давате поголеми можности за развој на секој граѓанин. Но, оние основни приходи скромните даноци на имот и данокот на промет со имот се прибираат квалитетно, се наплатуваат и тие средства ги реинвестираме. Дополнително, скромниот износ на средства што го прибавуваме во основ на делот што следува од ДДВ од државата којшто е многу низок се некои средства со кои ние менаџираме. Општината е стабилна, во минатото не беше така. Денеска, сме една од финансиски најстабилните општини, очекуваме уште неколку домашни и странски инвестиции во новата индустриска зона оваа година, таму вршиме продажба на градежно неизградено земјиште во наша сопствена индустриска зона и од тие средства секако градиме инфраструктура и ги користиме дел за социо-економски мерки“, додаде Димитриевски.

На почеток