Скопје

Пожарот го остави семејството Марковски без покрив над главата, бараат облека, храна, млеко, пелени

Вчера вечер се запали куќа во населеното место Гоце Делчев во општина Гази Баба. Семејствата се евакуирани и во истиот нема повредени.

Пожарот за кратко време бил ставен под контрола и било спречено истиот да се прошири на останатите куќи кои се наоѓаат во околината, со оглед на тоа дека станува збор за густо населена средина.

Семејството Марковски кое остана без својот дом преку социјалните мрежи упати апел за помош со облека, храна, млеко, пелени и хигиенски средства.

„За жал јас и моето семејство останавме и без тоа малку што ни остана. Би сакал да Ве замолам во името на целото мое семејство за помош. Огнот ни одзема буквално се, со нас е само облеката што беше на нас, немаме ниту финансии за основни работи. Комшии мои доколку сте во можност да ни помогнете со облека, храна, млеко, пелени и хигиенски средства ќе ви бидам благодарен. Господ да Ве чува“, стои во објавата.

Градоначалникот на општина Гази Баба на социјалните мрежи објави дека на семејството му е понудена помош за сместување, а комисија од општината ќе излезе на терен за отпочнување на постапка за финансиска помош.

„Како градоначалник понудив помош за сместување на семејствата кои останаа без свој дом, а утре комисија од општината ќе излезе на терен со цел отпочнување на постапка за финансиска помош.

Им благодарам на вработените во Противпожарната бригада на Градот Скопје за брзата реакција и нивната пожртвуваност и силна борба со огнените стихии“, вели градоначалникот.

На почеток