Свет

Србија, САД, Израел и Украина нудат помош за Турција по земјотресот

Премиерката Ана Брнабиќ упати сочувство до народот на Турција и Сирија по разорниот земјотрес во кој загинаа повеќе од 500 луѓе.

„Во име на Владата на Србија, изразувам длабоко сочувство до народот на Турција и Сирија“, рече Брнабиќ во гостувањето на РТС.

Таа рече дека српскиот претседател Александар Вучиќ ќе се сретне со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Што и да можеме да направиме за да помогнеме, секогаш сме тука, рече премиерката на Србија.

Соединетите Држави се загрижени од извештаите за катастрофата, изјави американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан. Американскиот претседател и наложи на државната агенција за меѓународен развој да процени како може да помогне.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговата земја е подготвена да му ја даде потребната помош на „пријателскиот“ турски народ по земјотресот.

„Изразуваме сочувство до семејствата на жртвите, а на повредените им посакуваме брзо закрепнување. Во овој момент сме со пријателскиот турски народ, подготвени да ја пружиме потребната помош“, најави тој.

Израел денеска објави дека е подготвен да и помогне на Турција. Министерот за одбрана на Израел Јоав Галант изјави дека неговите безбедносни сили се подготвени да помогнат. Министерот за надворешни работи Ели Коен рече дека веќе се подготвува пакет помош.

Повеќе од 500 луѓе загинаа во земјотресот со јачина од 7,9 степени според Рихтеровата скала, што погоди дел од Турција во близина на границата со Сирија. Бројот на жртвите не е конечен. Урнати се 140 објекти.

Земјотресот погоди 10 провинции, а беше почувствуван и во Анкара и други турски градови.

По тој разорен земјотрес следеа осум последователни.

Земјотресот е почувствуван и во Дамаск, како и во Либан, но и во Каиро.

На почеток