нед. Авг 18th, 2019

Скопје1.мк

види, слушни, прочитај

Наумоски: „Секогаш е најтемно пред зората, но светлината ќе блесне од Охрид“

Претседателските избори ќе се распишат на 8 ми февруари. Заедно со претседателските избори ќе се одржат и локални избори во три општини каде во моментов има в.д. градоначалници. Една од тие општини е и Општина Охрид.

Партиите во Охрид, прават калкулации кој кандидат може да ја добие довербата на граѓаните. Вообичаено се прават анкети, каде се вртат имиња на познати јавни личности. Некои од нив велат дека и покрај тоа што нивните имиња се вртат во анкетите сепак не би се нафатиле на тоа и покрај тоа што станува збор за примамлива функција. Други се смешкаат и велат дека ќе размислат, но има и искрени, кои отворено признаваат дека имаат план, стратегија, идеи, но и поддршка и дека со чисто срце и образ би ја превзеле оваа функција, секако доколку партијата се одлучи да застене зад нив.

Токму таков е познатиот охридски адвокат Мишел Наумоски, кој кога го запрашавме дали навистина ќе аплицира во неговата матична партија за функцијата градоначалник, ни рече, да, одамна размислував за тоа, подготвувам и програма…. За жал се случи тоа што се случи, Охрид многу порано треба да бира градоначалник, поради несреќата која се случи. Токму поради тоа ќе побрзам сите мои идеи да ги ставам во Програма и да секако дека сум подготвен за ваков чекор, доколку и ВМРО-ДПМНЕ ми даде подршка и доколу одлучат јас да бидам кандидат за оваа функција.

Скопје1: Каква локална самоуправа заслужува Охрид? Како вие ја замислувате општината? Од што би почнале?

Мишел Наумоски: Сметам дека крајно време е на Охрид му се случи „локална самоуправа“ на која приоритети ќе и бидат граѓанството и Бизнис заедницата и конечно широко отворени врати за нивните потреби и нивното решавање. Ние треба на непосреден начин да организираме партиципативни активности за жителите на општината Охрид , за планирање во секоја област на децентрализираните услуги, а пред се во образованието, урбанизмот, животната средина, спортот, локалниот, економски развој, преку развој на туризмот и културата како и во другите области.

Локалната самоуправа мора да ги утврди приоритетите, а секако претходно да ги утврди досегашните слабости. Општина Охрид треба да го подобри процесот на локално буџетирање и финансиски-фискален мониторинг.

Локалната самоуправа мора да ги утврди приоритетите, а секако претходно да ги утврди досегашните слабости. Како на пример евидентен е фактот дека Општина Охрид треба да го подобри процесот на локално буџетирање и финансиски -фискален мониторинг. Впрочем општината најлошата репутација ја има токму во овој сегмент на локална надлежност.

Неминовно е финансиско зајакнување на општината каде влегува и разрешување на преостанатиот долг и деблокирање на градот. Препорачливо е на пр. долгот да се финансира преку издавање локална обврзница на среден рок каде трошоците се далеку помали споредбено со банкарските, па понатака пристапување кон меѓународните фондови за добивање на развојни проекти, инвестиции на бренд хотели и угостелски ланци , трговски брендови, што ќе ја зголемуваат и вработеноста и платите на вработените во сите сектори.

Скопје1: Капиталните инвестиции во Охрид скоро да ги нема, а градежната експанзија и тоа како му наштети на Македонскиот бисер. Центарот се пренатрупа, комуналната инфраструктура крајно застарена, не го издржува товарот. Размислувате и на овие проблеми. Мислите ли дека може да се решат, имате ли план?

Мишел Наумоски: Перцепција на жителите на општина Охрид е дека после долг период на стагнација во изградбата на локалната комунална инфраструктура постои потреба од забрзан развој на истата и планирање соодветни мерки и спроведување активности за напредно програмирање, планирање и за финансирање на капиталните инвестиции. Впечаток е дека токму градежната експанзија особено во градот Охрид создаде скоро неиздржлив притисок на застарената инфраструктура и дека е последен момент нешто да се стори на тој план. Охрид не е само крајбрежјето, центарот на градот …. , Охрид е и Радојца Новичиц, Железничка, Далјан, Видобишта … , општината мора да инвестира во инфраструтурно поврзување на секоја точка од општината со квалитени улици но и комплетна поврзаност што ќе има аспект на кавалитетот на животот и аспект на туризмот .

Од она што го разговарам секојдневно со граѓаните на општина Охрид, сметаат дека има поголем простор за поактивна улога на локалната самоуправа во поддршката за забрзан локален економски развој која ги вклучува сите сегменти на заедницата.

Културното наследство, туризмот, квалитетна животна средина мора да биде еден од врвните приоритети на градот. Поддршката на општината преку грижата на градот за Езерото, крајбрежната зона, состојбата и пристапот кон културните знаменитости и промоција на истите за туристички цели се со цел создавање на целогодишен туристички маркет.

Скопје1: Невработеноста на младите еден од поголемите проблеми со кои мака мачи Охрид. Општината не може дирекно да ги вработи, но може да создаде услови за инвестиции, а со тоа индирекно да помогне во намалувањето на овој проблем. Неодамна ми споменавте дека досега не се користеа можностите за склучување на јавно-приватни и други облици на социјални партнерства?

Мишел Наумоски: Мојата препорака е дека е непоходен скрининг на релевантниот локален, регионален, национален, приватен сектор и на граѓанското општество, кои имаат широка мрежа, добра репутација и се способни да мобилизираат млади и други специфични ранливи групи и да генерираат основање социјални партнерства за инклузивна испорака на услуги, како и за воспоставување соработка за инклузивен локален развој. Мапирање на (постојните и потенцијалните) модели на социјално претприемништво – општествено одговорни економски иницијативи кои можат да привлечат инвестициски фондови во локален контекст, мапирање потенцијални аранжмани за меѓу општинска соработка поврзана со локалниот економски развој, како и со целокупните можности за јавно-приватни партнерства и за издавање концесии во насока на намалување на трошоците за администрацијата или во насока на намалување на трошоците за обезбедување услуги кои имаат влијание врз локалниот економски развој и врз стапката на (не)вработеност во заедницата.

Можностите за склучување на јавно-приватни и други облици на социјални партнерства за подобрување на услугите и на инфраструктурата на децентрализираните услуги во општината Охрид не се докрај искористени и поради селективната практика во минатото. Неопходно е превземанње на низа мерки како да се формираат партнерства на кои им претходат консултации и прифаќање од локалната јавност, односно од другите засегнати страни.

Кога се пристапува кон Јавно приватно партнерство, препорачливо е од јавниот сектор да се трансферира на приватниот сектор управувањето со подготовката и со испораката на услугите, а со тоа и одговорноста за квалитетот на процесот на подготовка и испорака како и финалниот квалитет на услугите. Практиката покажува дека треба да се избегнуваат шеми со споделено управување.

Придонесот на јавниот сектор треба да се фокусира врз процесот на планирањето, финансирањето на партнерството и врз други политички и нормативни подготовки кои се неопходни за едно функционално партнерство. Партнерства треба да се склучуваат и условно кажано, за мали и средни проекти, а не само за големи проекти. Јавниот сектор треба да ја задржи и доследно да ја спроведува контролата врз спроведувањето на договорот за јавно приватно партнерство од приватниот сектор, гарантирајќи високо ниво на отчетност на партнерството пред јавноста. Јавниот сектор, исто така, треба да гарантира дека политичките ризици ќе бидат сведени на минимум. Подршка за спроведување на проектот преку „Шема на мали грантови“, која ги поврзува ресурсите на централната и локалната власт, поврзана со придонеси од приватниот сектор за унапредување на корпоративната социјална одговорност со долгорочна цел која е надвор од проектниот циклус за одржлива финансиска поддршка на акциите на младите и обезбедување на социјални услуги.

Скопје1: На крај не можеме, а да не прашаме, сите знаеме како во последно време се избираат кандидатите и како се спроведуваат избори. Дали сте подготвени, доколку сте кандидат покрај со презентација на вашата програма, она што треба да биде приоритет, да се справувате и со сопки од „вашите сопартијци“ и оние кои избираат лична корист во замена за придобивките на охриѓани?

Мишел Наумоски: (Се смешка…) Имам чист образ, уште почиста душа. Мојата цел е само Охрид да го добие заслуженото, да го задржи епитетот БИСЕР, затоа што тоа и е. Имаме капацитет, имаме ресурси, доста е веќе делби и сопки. Треба сплотено да работиме за Охрид, доколку го сакаме овој град. Охрид бил и ќе биде место од кое сите се гордеат. Нема непоправливи грешки, штом се има желба се може се. Јас знам дека заедно можеме да му го вратиме сјајот на Охрид. Имам две ќерки кои живеат, учат, растат овде. За моите, но и за сите деца, за идните генерации дајте да ја направиме нашата општина приоритетна. Дајте да го вратиме сјајот на Охрид. Затоа што Охрид заслужува, деталните проекти ќе ги претставам доколку ја добијам поддршката на ВМРО-ДПМНЕ за кандидатура, а нa нив работам веќе подолго време со поддршка од поголем дел на експерти и бизнисмени од нашиот град. Нема повеќе место, ни време за импровизации во Охрид. Тоа е мој пристап и мое мото зад кое барам да застанат и партиски, но и неопределени сограѓани.

Close