Актуелно

Бајден до Путин: Украина никогаш нема да биде руска победа

Украина никогаш нема да биде руска победа, изјави американскиот претседател Џо Бајден во Варшава во пресрет на годишнината од почетокот на руската инвазија на Украина.

Говорот дојде само неколку часа откако рускиот претседател Владимир Путин одржа историски говор во кој повторно го обвини Западот за ситуацијата во Украина.

Бајден нагласи дека Северноатлантската алијанса е „посилна од кога било“.

Претседателот на САД рече дека Полска е еден од нивните најголеми сојузници и оцени дека иако пред една година светот се подготвувал за падот на Киев, денес Украина и нејзиниот главен град стојат висок0 – горди и слободни.

„Киев стои цврсто, стои горд и што е најважно слободен“, нагласи Бајден, додавајќи дека целиот свет се соочил со искушението да одговори на војната со Русија.

Една година од почетокот на војната во Украина, рече Бајден, светот е обединет.

„Откако Русија нападна, целиот свет беше тестиран. Демократијата беше тестирана во нејзиниот одговор на војната што ја започна Москва. Ние одговоривме обединето“, рече тој.

Додаде дека западните сојузници се залагале за суверенитет и демократија пред војната и дека ќе продолжат да го прават тоа „без оглед на сè“. Тој исто така рече дека Путин очекувал украинскиот народ да се предаде кога неговите тенкови влегоа во нивната земја на 24 февруари, но, украинскиот народ е премногу храбар.

„Наместо лесната победа што ја предвиде Путин, тој замина со изгорени тенкови и разбиени сили. Мислеше дека НАТО ќе се распадне и ќе се подели – наместо тоа, НАТО е пообединет од кога било досега“, рече тој.

Бајден нагласи дека Путин денес се соочува со она што не мислел дека е можно пред една година – светската демократија зајакна, а не ослабе.

„Но, автократите на светот ослабеа, а не зајакнаа, бидејќи во моменти на големи пресврти и неизвесност, најважно е да знаете за што се залагате. А знаејќи кој стои покрај вас прави голема разлика“, рече тој.

„Желбата на Путин паѓа во вода. Демократијата ќе ја брани слободата денес, утре и засекогаш. Заедно со граѓаните на Украина. Апетитите на автократите како Путин не можат да се смират, туку само да им се спротивставите. Тие разбираат само еден збор – не, не, не. Но, Украина никогаш нема да биде руска победа“, рече американскиот претседател.

Бајден им се обрати и на граѓаните на Русија, порачувајќи им дека САД и НАТО не сакаат да ја уништат нивната земја.

На почеток