Македонија

Стојаноски: Како фирмата за надзор на коридорите 8 и 10д од несоодветна со решение на влада станува соодветна? Што се менува за една година па од незаконски станува законски?

Владата на Ковачевски влегува во сомнителни бизнис шеми во постапката за изградба на автопати во Македонија, бизниси од 22 милиони евра добиваат фирми кои претходно имале забрана заради неетичко и незаконско постапување. Ќе изнесеме информации која е фирмата која ќе го врши надзорот за изградбата на Коридор 8 и Коридор 10д и како се менувани условите во тендерскиот повик, но и што ја поврзува со лица и фирми кои претходно го добија истиот тендер, а беа поврзувани со руски капитал, вели пратеникот Бојан Стојаноски, пратеник

„Јавната набавка за избор на надзор и правен трансакциски советник на изградбата на автопат на Коридор 8 и Коридор 10д ја добива конзорциум предводен од шпанската фирма ЕПТИСА, која заедно со уште две македонски фирми е избрана како најповолен понудувач, од која едната е Електра солушн каде потписник е Андон Ампов, син на Сотир Ампов, кој беше сопственик во една од фирмите дел од Конзорциумот на ИГХ првично избрани за вршење на работата.

Дали зад целата шема за добивање на тендерот од 22 милиони евра стојат луѓе блиски до власта? Ова прашање ечи особено ако се земе предвид фактот дека Конзорциумот предводен од ЕПТИСА го добива тендерот, откако претходно Конзорциум воден од ИГХ, а во чиј состав била фирма на извесен Сотир Ампов од Велес не доставила банкарска гаранција, а подоцна лично Груби се правдаше дека фирмата водела до „руски пари“ и дека е добро што пропаднал првиот тендер.

Сега во Конзорциумот кој ја добива работата ја нема велешката фирма на таткото Ампов, но ја има фирмата на синот Ампов. Се отвора сомнеж дека преку фирмите на поврзани лица составен дел од двата конзорциуми трагите водат до врвот на политиката во Македонија. За одговор на ова прашање мора да се потруди ЈО, кои не смеат да останат неми на толку голем број на случајности.

Да тргнеме со ред. Која е шпанската ЕПТИСА и како од несоодветна, станува соодветна?

ЕПТИСА не е фирма која е непозната за македонските власти, имено на 30 септември 2020 година на седница на влада е донесена Одлука со која Владата носи заклучок и препорака до сите државни институции и општини кои реализираат капитални инвестиции поголеми од 1.000.000 евра во денарска противвредност да не ја ангажираат шпанската фирма ЕПТИСА, од причини што истата неетички, незаконски и несоодветно постапила како надзор во поглед на првата фаза од изградбата на железничката пруга Куманово – Бељаковце.

Една година подоцна на 16.11.2021 година, Министерството за транспорт и врски издава Потврда за проектирање и надзор на градби во Република Македонија, а се однесува на Прва и Втора категорија на градби, во кои спаѓаат токму железнички пруги, станици, патишта и други примарни инфраструктурни објекти, односно токму за она за што Владата во 2020 година носи одлука да се забрани ангажирање на ЕПТИСА од страна на државните институции, органи и општини.

Која е причината, поради која е променета одлуката на владата и е дозволено ЕПТИСА да може да работи во Македонија, иако претходно е утврдено дека истата постапила неетички, незаконски и несоодветно во надзорот на изградбата на железничката пруга Куманово – Бељаковце? Што се сменило за една година, па ЕПТИСА од фирма која ги прекршила законите, работела неетички и несоодветно станува главен играч на власта?

ЈО да не спие, и веднаш да отвори постапка. Не може да се дозволи проект за изградба на два патни коридори за кои треба да се потрошат над 1 милијарда евра да помине под сомнение за криминал, а во меѓувреме додека ЈО се мисли, ние ќе продолжиме со објавување на нови детали за оваа сомнителна шема во текот на утрешниот ден“, додава тој.

На почеток