Македонија

(ВИДЕО) Уништено е коритото на река Пчиња и 500 хектари плодна земја од нелегална експлоатација на песок, вели Крмов

Пратеникот Борислав Крмов од Левица вчера упати прашање кон Министерката за животна средина и просторно планирање во врска со искористувањето на реките во Македонија.

Моите прашања се упатени кон Министерката за животна средина и просторно планирање и се однесуваат на две реки од многуте во Република Македонија кои свирепо се искористуваат и неповратно се уништуваат.

Во случајот на реката Пчиња, од Катланово до селото Студена Бара нема педа која не е ископана, особено изразено во атерот на селата Горно, Средно и Долно Коњари. АД Водостопанство издава дозволи на фирми под превезот на уредување на речното корито за да вршат неуморна експлоатација на песок.

Тука станува збор за 500 хектари плодно земјиште кои се неповратно уништени и кои биле дел од ЗИК Скопско поле. На тој простор има езера кои се 30 до 40 пати пошироки од самата река и длабоки и до 7 метри на одредени места.

Влажноста на почвата е потполно нарушена додека подземните води кои жителите ги користеле за пиење се сега контаминирани. Во тие села луѓето имаат само техничка вода.

Десет години систематски се уништува овој простор за да профитираат поединци, додека проблемите на селаните воопшто не биле приоритет за властите, и оваа голгота кулминира со минатогодишниот протест и блокирањето на патиштата околу селата.

Сега повторно АД Водостопанство издава дозвола за наводно вадење на вишокот од песокот и доуредување на коритото.

Зошто е само стопирана дозволата за експлоатација на песок, чакал и камен, а не и поништена, како што им е ветено на селаните и дали ќе го испочитувате вашето ветување за да ја поништите дозволата“, вели Крмов.

To Top