Свет

Украина го нападна Кремљ со беспилотни летала; Москва: Обид за атентат врз Путин

Украина го нападна Кремљ со беспилотни летала; Москва: Обид за атентат врз Путин


Прес-службата на рускиот претседател Владимир Путин денеска соопшти дека украинските сили синоќа со дронови ја нападнале претседателската резиденција во Кремљ.
Според медиумите, руските воени и разузнавачки агенции онеспособиле два дрона, а нема повредени.
Претседателот на Русија е добро и денеска продолжува нормално со претходно планираните секојдневни активности, додаваат од Кремљ.
Станува збор за планирана терористичка акција и обид за атентат во пресрет на големата парада на 9 мај, посветена на победата за време на Втората светска војна, соопшти официјална Москва. Во соопштението се додава дека Русија го задржува правото да возврати „каде и секогаш кога смета дека е потребно“ како одговор на нападот со беспилотно летало врз резиденцијата на претседателот Владимир Путин.
„РИА Новости“ пренесува дека Путин не бил во Кремљ во моментот на нападот, додека очевидци тврдат дека првата експлозија се слушнала во 2:30 часот по московско време, а втората неколку минути подоцна.
Десната рака на украинскиот претседател Михаило Подољак тврди дека Киев нема никаква врска со нападот на дватa дрона врз Кремљ, пренесува агенцијата Франс прес.
А портпаролот на украинскиот претседател Сергеј Никифоров негираше вмешаност на Украина во нападот на Кремљ, велејќи дека нема информации за синоќешните напади врз Кремљ.
Во меѓувреме, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков додаде дека парадата во Москва ќе се одржи на 9 мај, како што е планирано, и покрај последниот инцидент, додека градоначалникот на главниот град рече дека Москва од денеска ја забранила употребата на дронови во градот, освен ако се работи за воздухоплов чија употреба била дозволена од државата.

На почеток