Скопје

Градоначалникот на Арачиново добил закани по живот, Ибраими молчи за случајот

Полицијата презема мерки за расветлување на заканите по живот на градоначалникот на Арачиново, пишува Алсат М. Ридван Ибраими вчера самиот пријавил во полиција дека некој му се заканувал по живот, додека не бил присутен во општинската зграда. Полициските служби по добивањето на информацијата излегле на терен каде ги испрашале вработените кои биле сведоци на настанот. Од безбедносните камери го идентификувале лицето кое упатило вербална закана, но не се знае дали во тој момент било вооружено. Според сведоците, се слушало викање и пцуење, додека полицијата спречила група луѓе да влезат во зградата на општина Арачиново.

„Во вторникот во 14:37 часот, лицето со иницијали Р.И., градоначалник на Арачиново, пријави во СВР Скопје дека додека не бил присутен во зградата на општината, лицето Р.А. пред останатите присутни упатувало закани по живот на градоначалникот, бидејќи не бил задоволен од работата на општината по однос на предмет во кој лицето било странка. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, наведуваат од МВР.

Ова не е прв обид за напад врз градоначалникот на Арачиново, Ридван Ибраими. Се дознава дека станува збор за истата група која пред неколку месеци го нападна во зградата на општината. Ибрахими не одговарал на телефонските повици на Алсат М за да ја потврди евентуалната расправија, додека семејството на поранешниот градоначалник на Арачиново Брахим Ајвази, со кое Алсат контактирале, навело дека немало напад или закана, туку оти еден од членовите на семејството отишол во општината да достави документ за земјиште. Според семејството Ајвази, Ибрахими мислел дека станува збор за закана и побарал помош од полицијата.

На почеток