Коментари

Петар Богојески: СДСМ во бегство

КОЛУМНА, Петар Богојески: СДСМ во бегство, објавена во vecer.press.

Кажано – сторено! СДСМ во моментот на формирање на Владата на премиерот Зоран Заев истакна – „Нема да бидеме како Никола Груевски, ќе го истераме цел мандат, без да манипулираме со предвремени избори во моменти, кога на нас ни одговараат“. Зборот е збор, нели?!? Ама некако, зборов не држи место. Или попушта зборот, па често СДСМ се премислува. Има сериозна полемика за тоа, дали на Заев треба да му се верува. Таа полемика трае одамна, уште од времето кога беше градоначалник. Се сеќаваме на онаа нападна кампања – „На Заев не треба да му се верува“. Така започна се. Трае до ден денес. Но некако таа полемика не држи место. Зашто јас не им верувам на зборовите на луѓето, туку на делата. Крајот го краси делото. Така да, за кратко ќе видиме дали требало или не требало на Заев да му се верува.

Басни и приказни за деца и младинци се анализите, за или против одржување на предвремени парламентарни избори. Зашто во нив, освен теснопартиски калкулации и лични агенди на поединци, друго не гледам. Мене ме интересира „македонската агенда“! Токму СДСМ и Зоран Заев дадоа низа ветувања. Не беше најважно она „живот за сите“, зашто јасно беше дека е утопија. Поважни беа оние, членство во НАТО за една година и почеток на преговори со ЕУ. Преведено во апсолутни датуми на тие ветувања, ние требаше да бидеме членка на НАТО во 2017 година, а да започнеме преговори со ЕУ во 2018 година. Во ред, формирањето на Владата беше „драматично“, процесите во земјата беа „драматично амнестирани“, но на крајот на краиштата, дадена беше втора шанса – членка на НАТО и почеток на преговори со ЕУ во 2019 година. Енде! Трета шанса нема! Дали СДСМ бега да ја „искористи втората шанса“? Поточно кажано, дали СДСМ во неможност да ги исполни своите дадени ветувања, си нарача во ВМРО ДПМНЕ предвремени избори? Па сега, како не е пријатно да се одбие барањето на опозицијата, па како демек пука демократскиот капацитет на Владата, па и храброст било тоа да се прифати „фрлена ракавица“.

Почитувани управители на македонската Република, доста глумевте! Сработете си ја обврската што ја преземавте и што ни ја ветивте на нас граѓаните. Нема предвремени избори кога на Вас ќе Ви одговара. Нели не бевте како Грујо?!? Ќе бидеме членка на НАТО и ЕУ или пак ќе се кашкаме во балканската кал? Дали соочени со фактот на одлагање на датумот за официјален почеток на преговори со ЕУ за 2020 година, кој секој ден е се поизвесен, е причина што си нарачавте предвремени парламентарни избори? Додека можете и имате снага, да си обезбедите уште 4 години власт? А ветувањата кој ги шиша. Граѓаните и онака се квалитетно потшишани. Дали мислите дека со предвремени избори, срамот ќе го покриете? Не, се лажете. На оваа ујдурма што се направи, ако не стигне реално бенефитот за македонската држава и граѓани, не едни, туку сто и едни избори не го покриваат тој срам. Се си има своја цена. Не може ние Македонците да платиме, а да останеме со празни раце! Не може! Па сега гарантите на таа спогодба да се кријат зад „избори“.

После тоа, токму тие исти избори да бидат алиби за неиспорачани резултати. Демек поради ВМРО ДПМНЕ и нивното барање на предвремени избори и поради изборите, не бевте во можност да спроведете реформи и да испорачате резултати, па сите процеси за евроатлантската интеграција на Македонија се одлагаат за 2020 година. Вклучително и официјалното членство во НАТО! Еве сега имате две третини во парламентот, спроведете реформи ако Ве бива! Или намерата е, неспособноста за спроведување на реформи, да се покрие со нов пратенички состав, во кој би се факторизирале голи шовинисти. Па тие да бидат алиби дека се пречка за спроведување на реформи и застој во „европските процеси“? Онаа приказната за столчето што не чека во НАТО за некој месец, е… како да Ви кажам… мижи Асан да ти баам. Вистински резултат е полноправно членство на македонската Република во НАТО во 2019 година и точка. Вистински резултат е официјален почеток на преговори со ЕУ во 2019 година и точка. Се друго е она со Асан. Да не зборувам за доаѓањето на животот и економските придобивки кои сите ги очекуваме, после тие реални резултати.

Прогласувањето на вонредни парламентарни избори е бегство на СДСМ од преземените обврски. Исто така, тие избори никако не и одговараат на ВМРО ДПМНЕ, ама слепилото таму е очајно. Господа од СДСМ, имате мандат, дадена Вие е шанса, испорачајте! Имате време, што ќе посеете, тоа ќе пожнеете во 2020 година. На избори де, секако, ама редовни, нормални, легитимни, демократски, фер и слободни парламентарни избори во 2020 година. Тогаш ќе ги вкрстиме копјата. Тогаш ќе ги видиме вистинските резултати. Тогаш народот ќе одлучи. Каде брзате толку? Еве уште една година е во прашање, покажете што знаете. На народот му е преку глава од политички калкулации, лажни ветувања, избори па избори секоја година.

Националниот интерес за мене е приоритетен. Не личните агенди на поединци. Никогаш нема да простам, никогаш, вакви национални отстапки и процеси, без бенефит за истите да имаат народот и државноста. Никогаш. Наместо вицепремиерот Бујар Османи, да прави шверцерски калкулации со јазикот и да ми глуми албански херој, нека си засука тоа европските ракави и нека си сработи платата. Вие го определивте за шеф на тимот за преговори со ЕУ. Наместо да се расправа со онаа со штичката од Костурско Езеро, нека го обзнани пред народот, македонскиот тим за преговори со ЕУ. Кој се тие девојки и момци што ќе ја одиграат историската улога за македонската Република. Тие ќе бидат вистинските херои на Македонија. А не Бујар со орлињата и јазичињата. Доста беше гол патриотизам и од едни и од други. Преку глава од мачиња и орлиња! Ние тргнавме за НАТО и ЕУ и немаме намера да застанеме. На кој му се мјаука и му се лета, ниско, нема место за него во следната епизода од серијата „Македонија“. Се гледаме на парламентарни избори во 2020 година. До тогаш, покажи што знаеш!

извор: vecer.press

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток