Се воведува данок на солидарност базиран на правичност, еднаквост и пропорционалност


Владата го утврди и текстот на Предлог на закон за данокот на солидарност.
Целта на овој Предлог на закон, како што е информирано од Министерството, е секој да учествува во намирувањето на јавните расходи, во согласност со своите економски можности и на солидарен начин да придонесе за ублажување на последиците од ценовната и енергетската криза, при што е земена предвид европска регулатива.
Европската Унија, како што е посочено, заради ублажување на последиците од енергетската криза, усвои Регулатива на Советот (ЕУ) 2022/1854 од 6 октомври 2022 година, за итна интервенција за решавање на проблемот со високите цени на енергијата, а со којашто се утврдува и обврската за наплата на придонес за солидарност. Според Регулативата, придонесот за солидарност треба да дејствува како редистрибутивна мерка за да се осигура дека предметните компании коишто оствариле вишок профит поради неочекувани околности, пропорционално придонесуваат за ублажување на енергетската криза на внатрешниот пазар.
Предлогот на Закон за данокот на солидарност предложен од Министерството за финансии, предвидува воведување данок за солидарност за 2023 година како еднократна, вонредна и привремена јавна давачка, при што обврзник за плаќање на овој вид на данок е обврзникот на данокот на добивка согласно Законот за данокот на добивка, кој во 2022 година остварил вкупен приход поголем од 615.000.000 денари.
Воведувањето на данокот за солидарност е од општ интерес за сите граѓани и се базира на начелата на правичност, еднаквост и пропорционалност.
