чет. Дек 5th, 2019

Скопје1.мк

види, слушни, прочитај

ЛАЗЕ ТАНЕСКИ: Природата на мојот карактер е секогаш да имам амбиции

Во интервју за „Охрид1“ бизнисменот и претседател на СДСМ Лазе Танески зборува за тоа како одлучи да ја направи најголемата инвестиција во охридски хотел од осамостојувањето на Македонија до денес и за политичките амбиции пред предвремените Локални избори. Лазе Танески зборува и за исполнетото ветување на премиерот Зоран Заев за раздолжување на Охрид.

Охрид1: Пред две години храбро влеговте во инвестиција која од граѓаните беше оценета како најголема инвестиција во еден хотел, од осамостојувањето на Македонија до денес. Како ја донесовте одлуката да инвестирате големи средства, да го понесете ризикот, да го издржите притисокот и на крај Охрид да го добие Лаки Хотел?

„Во приватниот бизнис сум со години. Претходно мошне успешно менаџирав два други хотели кои ги изнајмував. И покрај тоа што јас лично не бев сопственик на објектите, тие објекти ги разработив и профитабилно и успешно работев , притоа вработувајќи луѓе, редовно исплаќав плати, па дури во објектите и инвестирав и ги модернизирав, за да ги направам поприкладни за времето во кое живееме, бидејќи беа градени во ерата на бивша Југославија. Тоа беше период кога во реалниот бизнис стекнав големо искуство низ секојдневната работа притоа соочувајќи се со најразлични проблеми кои некогаш и не е можно да се предвидат. Искуството кое го имам во менаџирањето во туризмот ме направи да не се плашам и да го преземам ризикот за да инвестирам во Лаки Хотел и денес да дојдам до оваа фаза во мојот личен бизнис развој и кариера како менаџер, а сега веќе и сопственик на свој хотел. Предизвиците ги има секој ден, но ги решаваме успешно.“


Охрид1: Задоволни сте од работата на Лаки Хотел до сега?

„Без лажна скромност ќе одговорам да! Лаки Хотел од самиот старт успешно работи, пред се со странски туристи. Хотелот има 60 соби и 4 луксузни апартмани. Ресторан кој нуди висок квалитет на услуга и го следи светскиот тренд при избор на храната, па така нудиме од наша традиционална храна, до здрава, диетална и протеинска храна која ја бараат странските, но се повеќе и домашните туристи. Го следиме трендот, нудиме квалитет и постојано се менуваме според потребата на туристите кои своите животни навики ги пренесуваат од местото на живеење во местото на престој, па така мора постојано да се прилагодуваме на светските трендови и да држиме чекор со потребите на модерните туристи, кои постојано се менуваат. Сето ова што го набројав, комбинирано со мотивот, еланот и желбата за успех резултира со позитивни резултати во работењето.“

Охрид1: Рековте нудите различна понуда која е во чекор со светот. Колку Охрид го следи светот во делот на привлекување елитни туристи, висока класа на гости?

„Реално ако зборуваме ние сме далеку од привлекување на голем број елитни туристи, или како што рековте висока класа на гости. Реков и погоре светот постојано се менува и ние треба да утврдиме прво што е за нас висока класа на гости. Ако зборуваме за висока класа, тогаш денес во 2019 година, во светот висока класа на гости се милјардери. Тоа е мала популација на луѓе која многу тешко, ако не и невозможно е да ја доведеме во Охрид. Мора да сме реални пред себе но и пред читателите. Тоа е класа на луѓе која се вози со свои сопствени јахти и се движи некаде од Лондон преку Гибралтар, па помеѓу Монте Карло, Ница, Кан, и помалку накај Дубровник или Миконос. Тоа е реалноста која треба да ја кажеме и да не манипулираме со јавноста и себе да се залажуваме во илузии. Ако зборуваме за некоја средна висока класа на гости, такви луѓе во Охрид доаѓаат но во помал број. Реално средната висока класа можеме да ја доведеме во Охрид и да понудиме и сместување и услуга. Тоа го нудиме и во Лаки Хотел. Оваа категорија на богати луѓе имаме услови да ја доведеме, но треба да продолжиме да работиме на подобрување на инфраструктурата и во градот и во земјата. Работите на тој план како што гледаме одат напред, владините политики се правилно насочени и за очекување туристичкиот бизнис да почне во пооглем дел да привлекува некоја, ајде пак така да ја наречам средна висока класа на гости.“

Охрид1: Некако паралелно со стартот на вашиот хотел дојде и назначувањето на политичка функција во партијата СДСМ. Ја водите партијата во Охрид. Колку сте задоволен од партиските активности и каде ќе се движи СДСМ на локална сцена во следниот период ?

„СДСМ за жал ќе оди на избори, кои како што е општо познато се последица на судбински настани на кои никој не може ни да влијае ни да ги предвиди и превенира. Смртта на избраниот градоначалник Јован Стојаноски нанесе огромна загуба за Охрид, но и за партијата. Одеднаш партијата се најде во друга ситуација и сега се спроведуваат непланирани но нужни процеси. Партијата ќе избере кандидат за градоначалник, кој ќе го прифати предизвикот наметнат повторно ќе кажам од судбински процеси. Убеден сум дека СДСМ ќе кандидира најдобро решение од сите кои се спомнуваат во јавноста или во анкетите и дека повторно ќе победиме. Сплотени и единствени!“

Охрид1: Се спомнува и Вашето име. Имате ли амбиции да сте кандидат за градоначалник или демантирајте ги сите медиуми кои пласираа ваква вест?

„Природата на мојот карактер е секогаш да имам амбиции. Секако дека размислувам за кандидатура и разговарам со повеќе луѓе од партијата околу тоа, како со врвот така и со членството и базата на СДСМ. Ние како голема партија нормално е да имаме и повеќе имиња за избор на кандидат. Јас повторно без лажна скромност ќе кажам дека функцијата претседател не ја сметам за предност пред другите туку сметам дека ние како партија располагаме со потенцијал, квалитетни луѓе и кадри од кои можеме да понудиме пред гласачите квалитетен кандидат и да победиме. Убеден сум дека СДСМ ќе го избере најдобриот кандидат и на изборите ќе оствари победа. Ако се оцени дека јас сум тој кандидат, секако дека ќе го прифатам предизвикот и ќе дадам максимум и во изборите и во вршењето на функцијата.

Охрид1: Охрид во моментов е пред историски процеси кои го доведуваат до конечно раздолжување. Интересно е што и тоа почна во вашиот хотел, кога на отворањето лично Вие го однесовте тогашниот градоначалник до масата каде седеше сегашниот Премиер Зоран Заев, па прво тука неформално, а потоа во Владата и официјално почнаа разговори за владина помош на Охрид. Го сметате ли за голем успех на оваа власт раздолжувањето на Охрид?

„Со големо задоволство јас лично го однесов тогашниот градоначалник до масата каде беше премиерот и тие срдечно разговараа и почна процес за доброто на Охрид. Премиерот Зоран Заев јавно преку вашиот портал вети дека ќе помогне да се раздолжи Охрид и тоа го направи! Владата ги издвои речиси половина милијарда денари со кои ќе се раздолжува општината и јавните претпријатија, но го формира и Ј.П. Колектор, со што симна еден камен од вратот на Охрид бидејќи финансирањето на колекторскиот систем од сега е на товар на државата и ги презеде долговите од околу 15 милиони евра кои се креираа со години од работата на колекторскиот систем. Секако дека тоа се историски процеси кои нашиот град и сите нас кои тука живееме не носат до еден пресврт. Јавноста во Охрид тогаш со неверување реагираше на тие најави на премиерот Заев, бидејќи не бевме навикнати на ситуации премерот на државата да се води од интересите на Охрид, а не од партиските или внатрепартиските интереси на некои групи. Со ова СДСМ покажа далеку поголема визија од политичките опоненти бидејќи ние процесот на раздолжување го најавивме и го започнавме кога со градот владееше градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ и го продолживме во време кога дојде СДСМ на власт, но и го завршуваме во условно речено „наше време“ што значи дека таа изјава на Премиерот Заев не беше кажана во пропагандни цели, туку е реалност која сега се случува. Премиерот покажа далеку поголема визија за овие локални теми од сите негови претходници и направи чекори за кои аналитичарите тогаш пишуваа дека изгледаат неверојатни бидејќи јавноста во Охрид не беше навикната на политики кои се визионерски, туку живеевме заглавени во меѓупартиски но и внатрепартиски игри и пресметки кои сите скапо ги плативме. За наша среќа Заев тоа го прекина. Зошто ВМРО-ДПМНЕ тоа не го направи е нивно внатрепартиско прашање кое треба тие да го анализираат. СДСМ вети и го исполни ветеното и го доведе Охрид до раздолжување и тоа е факт кој граѓаните го знаат и сигурен сум дека адекватно ќе го ценат.

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com