Новиот Кривичен законик сега влезе и на сила
Завршни процедурата за стапување на сила на измените на Кривичниот законик. Откако Владата „тајно“ ги усвои, Собранието експерсно ги донесе по скратена постапка (со европско знаменце), а претседателот Стево Пендаровски ги потпиша, остана уште тие да бидат објавени во „Службен весник“.
Тоа е веќе направено во вчерашниот број на „Службен весник“ со датум 7 септември 2023.
Измените се однесуваат на 38 члена од Кривичниот законик, за кои власта рече дека 35 се за усогласување со директивите на ЕУ.
Со 48 гласови „за“, 36 „против“ и 1 „воздржан“ Собранието го донесе Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик. Гласаа вкупно 85 пратеници, а дебатата во Собранието траеше нешто повеќе од еден час.
За дел од правната фела, ова е вид на амнестија за сите функционери.
Измените се однесуваат на казните на неколку кривични дела, односно за значително намалените казни за различните облици на кривичното дело од член 353 „Злоупотреба на службена положба и овластување“ со намалување на казната од најмалку 3 години затвор на казна од 1 до 4 години затвор, како и членот 394 „Злосторничко здружување“ со намалување на казната до 10 години на казна до 3 години.