Фактот дека СДСМ не ги исполни очекувањата на граѓаните ја закопа за секогаш оваа партија, смета Најчевска
Професорката Мирјана Најчевска тврди дека Шарената револуција не е политичка заблуда. Според неа, движењето е дел од развојот на свеста на граѓаните и додава: „Таа е прв исчекор во разбирањето на демократијата како одговорност на власта пред граѓаните“.
„Ваквите изблици на големо незадоволство се потсетник за секоја власт. Фактот дека СДСМ како политичка партија која дојде на власт на бранот на граѓанското незадоволство не ги исполни очекувањата на граѓаните ја закопа за секогаш оваа партија. Мислам дека веќе никогаш нема да може да се избори за позначајно место на политичката сцена доколку не се реформира и не ги исфрли од своите редови криминалните, малограѓанските и примитивните израстоци. Тоа што ВМРО не ја научи лекцијата од Шарената револуција само покажува дека таа партија нема вистински интелектуален капацитет да понуди развој и напредок на државата. ДУИ е она гангренозно ткиво кое мораше да биде отсечено и исчистено“, пишува професорката по право.
Според неа, присуство на ДУИ во власта секогаш ќе биде тег кој влече надоле.
„И покрај паролата Нема правда нема мир имаше уште една и за мене многу позначајна парола на Шарената револуција која ја одразува нејзината суштина: Заслужуваме подобро“, додава Најчевска.