Магазин

Промоција на „Самодиви: панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес“

Промоција на „Самодиви: панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес“

Вечерва, 14 септември, од 19 часот, во дворот на градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, ќе се одржи промоција на „Самодиви: панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес“, приредена од Славе (Ѓорѓо) Димоски и Јулијана Величковска, издание на „Поетска ноќ во Велестово“.

Изданието содржи песни од 114 поетеси, што живееле/живеат и твореле/творат во Македонија од времето на преродбата, сè до ден-денес. Книгата е поддржана од Министерството за култура, а промоцијата е дел од богатата понуда на Град Скопје – кандидат за европска престолнина на културата за 2028 година.

Промотори на книгата ќе бидат приредувачите Славе (Ѓорѓо) Димоски и Јулијана Величковска.

Стихови ќе читаат: Гордана Михаилова-Бошнакоска, Сеида Бегановиќ, Дијана Петкова, Елизабета Баковска, Ана Димишковска, Сузана В. Спасовска, Маја Апостолоска, Ана Стојаноска, Емељ Туна, Николина Андова-Шопова, Билјана Стојановска, Александра Спасеска, Ана ГолејшкаЏ-икова, Катерина Гогова, Лира Бојку, Христина Цветаноска, Ивана Јовановска и Софија Тодороска.

„Бранот на романтизмот што ја зафатил Македонија во средината на XIX век, всушност, го претставува зародокот на македонското женско творештво. Врз него е изградено и современото македонско женско авторство, како впрочем и целокупната современа македонска книжевност“, вели во предговорот вСлавчо Ковилоски.

„Нè радува фактот што современата генерација авторки е рамноправна на книжевната сцена освојувајќи значајни меѓународни поетски награди, членувајќи во жиријата за доделување награди, а некои од нив се и издавачи, организатори на поетски фестивали и слично. Особена надеж полагаме во најновата генерација поетеси и со нетрпение чекаме да го посведочиме нивниот голем успех. Прославувајќи ги овие исклучителни гласови на македонските поетеси свесни сме за дострелите на македонската поезија воопшто, а нивното поетско писмо претставува растреперен лирски нерв моќен да разбуди емпатија, разбирање и длабока човечност“, ќе истакнат Славе (Ѓорѓо) Димоски и Јулијана Величковска.

Макфакс

На почеток