Свет

Уапсени над 230 лица во Албанија: Делеле дрога во близина на училишта

Уапсени над 230 лица во Албанија: Делеле дрога во близина на училишта

Властите во Албанија уапсија 233 лица во рамки на акцијата против дистрибуција на дрога. Според нивните изјави, се трага по уште 82 лица. Истиот ден беа одобрени решенија за претрес на 356 објекти, пренесуваат медиумите во регионот.

Според директорот на државната полиција, Мухамет Румбулаку, во рамките на оваа акција биле погодени 23 криминални групи.

„Дваесет и три криминални групи кои се занимаваа со дистрибуција на наркотици во близина на училишта, во простории и станбени блокови беа погодени во рамките на акцијата со кодно име „Темпули“. Станува збор за наркотици како кокаин, хероин, канабис, а има и огнено и ладно оружје. Акцијата беше проширена во Тирана, Драч, Корча, Елбасан и Валона – рече тој. Операцијата беше спроведена истовремено во неколку градови.

Министерот за внатрешни работи на Албанија, Таулант Баља, како алармантен го оцени фактот што се поголем број млади луѓе користат опојни материи.

„Употребата на дрога кај младите се зголемува, а се намалува и возраста на оние кои првпат употребуваат дроги, почнувајќи од училиште. Зголемена е и употребата на синтетички дроги. И денеска при полициската акција беше откриена дрога која претходно ни беше непозната во Албанија. Ова е еден вид аларм за институциите. Родителите и општеството мора заедно да реагираат“, рече министерот.

Баља најави нов план за безбедносни мерки во училиштата. Според него, Министерството за внатрешни работи е посветено да ја продолжи оваа борба. Тој побара институциите, училиштата, семејствата и граѓанското општество да се здружат во превенцијата од употребата на дроги.

„На терен ќе има конкретни мерки за елиминирање на заканата по јавното здравје и безбедност од употреба на дрога. Ќе направиме се за да спречиме криминални групи да се приближуваат до училиштата во рамките на безбедносните граници“, изјави Баља и најави дека наскоро ќе бидат објавени предлози за измени на Кривичниот законик со кои ќе се удвои казната за кривични дела што се случуваат во близина на училиштата.

makfax.com.mk

На почеток