Глобалната криза со глад остави повеќе од 700 милиони луѓе несигурни кога или дали повторно ќе јадат, а побарувачката за храна незапирливо се зголемува како што пресушува хуманитарната помош, рече шефот на агенцијата за храна на Обединетите нации.
Извршната директорка на Светската програма за храна (WFP), Синди Мекејн, на седницата на Советот за безбедност на ОН рече дека поради недостиг на финансии, агенцијата била принудена да ги намали оброците на храна за милиони луѓе и дека истите се уште се намалуваат.
„Сега живееме со серија симултани и долгорочни кризи кои ќе продолжат да ги поттикнуваат глобалните хуманитарни потреби“, рече таа, додавајќи: „Ова е новата реалност на хуманитарната заедница – нашата нова нормала – и ќе се справиме со последиците во наредните години“.
Синди Мекејн, сопруга на починатиот американски сенатор Џон Мекејн, рече дека се проценува дека речиси 47 милиони луѓе во над 50 земји се на само еден чекор од глад, а се проценува дека страдаат околу 45 милиони деца на возраст под пет години од акутна неухранетост. Според проценките на WFP, од 79 земји во кои работи агенцијата со седиште во Рим, до 783 милиони луѓе – секој 10 од светската популација – сè уште легнуваат гладни секоја вечер, пренесуваат агенциите.
Повеќе од 345 милиони луѓе се соочуваат со високо ниво на несигурност во храната оваа година, што е зголемување за речиси 200 милиони луѓе од почетокот на 2021 година пред пандемијата на Ковид 19, се наведува во извештаите.
makfax.com.mk