Родителите на 3-годишно аутистично дете објавија видео на кое се гледа како вработен во образовна институција го удира нивниот 3-годишен син во главата, а потоа го носи наопаку низ ходникот држејќи го за нозете.
Анешија Линдзи на својата страница на „Фејсбук“ сподели безбедносна снимка од ходникот на Центарот за рано учење „Роза Паркс“ во Дејтон направена на 21 август. Таа рече дека директорот на училиштето првично ѝ рекол дека син ѝ Брајлен бил доведен во ред од вработен, но снимката од безбедносните камери покажува сосема поинаква слика., пишуваат медиумите.
По инцидентот, вработениот дал отказ.
На видеото се гледа како Брајлен трча низ ходникот. Вработениот најпрвин го брка, а потоа го удира со тупаница во главата по што тригодишното дете паднало на земјата. Потоа вработениот во училиштето го носи Брајлен наопаку фатен за глуждовите, пренесува „Еј-би-си њуз“.
„Директорот не ни ја кажа целата вистина. Како што можете да видите, беше многу полошо од тоа“, рече Линдзи. Адвокатот на родителите, Мајкл Рајт, рече дека училиштето го лажело семејството и го држеле во незнаење. „Тие не беа транспарентни и мора да сносат одговорност“, рече тој.
Линдзи изјавила дека морала да испрати три имејлови до училиштето пред да ѝ ја дадат снимката. Видеото го добила дури на 11 септември, три недели по инцидентот, но не го добила во целост. „Зошто Брајлен бегаше од него така? Можеби не беше разигран. Не знам. Не знам затоа што прекинаа дел од видеото“, им рекла мајката на новинарите.
Училишната област засега не го објави името на вработениот во училиштето. Семејството на тригодишното момче бара тој да биде уапсен и изведен пред лицето на правдата, но тие не планираат да го повлечат Брајлен од училиште. „Тој му верува на својот учител. Тој сака да оди таму“, објаснува мајка му.
