Деновиве беше потврдено дека компанијата САНС-АГ од Штип незаконски увезува и произведува тешко масло за ложење, лажно декларирано како „мазут М1“, кое има канцероген ефект врз здравјето на луѓето. Регулаторната комисија за енергетика, иако целосно е запознаена со случајот, не презема ништо.
САНС-АГ ваквото канцерогено гориво со лажни фактури ѝ го продава на контроверзната компанија РКМ на Ратко Капушевски, кој под закрила на власта го продава на јавни институции и претпријатија, меѓу кои е и загадувачот ТЕЦ „Неготино“. Иако Капушевски беше директор за време на владеењето на ДПМНЕ, тој за време на владеењето на СДС и ДУИ сега стана најголем продавач на гориво, информираат од партијата Левица.
Оваа компанија, според Левицата, благодарение на снабдувањето на ТЕЦ „Неготино“, има продадено речиси 154.000 тони мазут и со тоа е на првото место по продадени количини гориво на потрошувачи надвор од бензинските станици. Компанијата на Капушевски очигледно е омилена за соработка на криминогената Влада, па таа бележи раст на добивка од дури 2.746 %!
„Претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски, 14 месеци ги игнорира наодите на Инспекторатот за животна средина, Пазарната инспекција и УЈП и не покренува постапка за одземање на лиценцата на РКМ, која канцерогеното гориво лажно го прикажува како ‘мазут М1’. Колку време ќе му треба на Бислимовски за да им ја одземе лиценцата на геноцидните енергетски компании?! Очигледно е дека сите бизниси за партиските олигарси се озаконети преку Регулаторна комисија за енергетика.
Бислимовски, со цел да се спасат големите играчи во нафтениот бизнис, ја смени методологијата за пресметка на цените на нафтените деривати од пресметка на секои две недели – во пресметка на дневно ниво. Со ваквиот начин на пресметка им се овозможува дополнително богатење на компаниите што тргуваат со нафтени деривати, а воедно се дел од политичко-енергетската елита во Македонија“, се истакнува во нивното соопштение.
Според нив, случаите со модуларната болница во Тетово, скандалот на Клиниката за онкологија и канцерогениот таканаречен „мазут М1“ го покажуваат вистинското геноцидно лице на власта, која за екстра профит го убива сопствениот народ.
Левицата, како што додаваат од таму, се залага за укинување на РКЕ затоа што преку партиски поставените претседатели таа не е ништо друго, освен корумпирана филијала на власта, која ги штити и озаконува криминалите во енергетскиот сектор.
Макфакс
