Општина Центар првпат организира музички хепенинг со наслов „Нешто што ќе остане“, кој ќе се одржи вечерва во Паркот на франкофонијата, со почеток од 19 часот. Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, ги поканува сите граѓани на одлична забава и дружење.
„Вечерва има една дестинација, а тоа е одличната забава во Паркот на франкофонијата, која почнува од 19 часот. Општина Центар се стреми да ја подигне културата на повисоко ниво затоа преку овој концерт не само што ја афирмираме домашната македонска музика туку и организираме дружба, забава, пеење и играње, она што верувам дека на сите ни недостига. На градот, на сите нас ни недостигаат вакви настани, кои ќе нè одвлечат од секојдневните рутини и обврски, настани што ќе предизвикаат насмевка на лицето и нова позитивна енергија, нов елан и поголема продуктивност. Затоа излезете од рутината и дојдете заедно да одбележиме една нова приказна во Центар“, вели Герасимовски.
Концертот го носи името „Нешто што ќе остане“ затоа што е почеток на една нова приказна, ново обележје, кое ќе се изгради во традиција на вредности што доаѓаат и заминуваат.
На вечерашната сцена ќе настапат Диџеј Чваре, Дани Димитровска, Тамара Тодевска, ДНК, „Некст тајм“ и Диџеј Фиц, а целиот настан ќе го води и збогатува познатата Вера Јанковиќ.
Градоначалникот Герасимовски ги поканува сите граѓани да бидат дел од концертот и да бидат дел од новата приказна на „Нешто што ќе остане“.
Макфакс